Според последните податоци, само во првите три месеци од оваа година во Европа пристигнале дури 125 милиони светски туристи. Во согласност со овие бројки на Светската туристичка организација на ОН, забележан е раст од два процента во споредба со истиот период во 2024 година и раст од пет отсто споредено со претпандемиските бројки за истиот период. Последните години туризмот на Балканот нема само сезонски карактер, а за одредени земји станува сериозен стратешки столб на економијата. Летните дестинации од јадранскиот брег до планинските езера привлекуваат милиони туристи годишно, а со тоа и милијарди приходи
Туризмот како економска гранка станува сѐ позначаен
Туризмот е една од брзорастечките области во економијата, сектор што претрпе сериозен удар по избивањето на епидемијата на коронавирусот. Туристичкиот сектор е значаен бидејќи има големо влијание врз развојот на средината, неговиот импакт не е само врз областите што ги вклучува, како хотелите и рестораните, туку тој може значително да придонесе за поголема потрошувачка и побарувачка и во другите сектори, особено да ја поттикне малопродажбата, поради што е значаен за развојот на земјите. Ова е причина повеќе за големото внимание што им се посветува на секторот и на движењето и трендовите меѓу туристите.
Според последните податоци, само во првите три месеци од оваа година во Европа пристигнале дури 125 милиони светски туристи. Во согласност со овие бројки на Светската туристичка организација на ОН, забележан е раст од два отсто во споредба со истиот период во 2024 година и раст од пет отсто споредено со претпандемиските бројки за истиот период. Светската туристичка организација објави дека бројот на пристигнувања на меѓународни туристи се зголемил за пет проценти меѓу јануари и март 2025 година во споредба со истиот период минатата година. Нивната најнова студија анализира кои земји најмногу заработуваат од туризам и кои дестинации се најпосетени на почетокот на 2025 година.
Сѐ повеќе се патува и надвор од сезона
Во јужна медитеранска Европа, бројот на пристигнувања од почетокот на годината пораснал за два отсто, што го одразува растечкиот интерес за патувања надвор од туристичката сезона. Дури и Централна и Источна Европа забележаа зголемување од осум отсто на бројот на посетители во споредба со 2024 година, особено во балтичките земји. Сепак, вкупниот број посетители во овој подрегион сè уште е нешто понизок од нивото во 2019 година.
Најголем раст на бројот на меѓународни пристигнувања меѓу земјите на ЕУ во првите три месеци од годината пријавиле: Литванија со плус 21 процент повеќе туристи, па Малта со раст од 19 отсто, по што следува Летонија со раст на туристите од високи 16 проценти. По нив следува Финска со зголемување на туристите за 15 отсто и Шпанија каде што бројот на туристи пораснал за шест проценти.
Наспроти нив, земји што имаат намалување на бројот на туристи се Луксембург, Ирска, Шведска и Белгија, кои забележале помал број меѓународни туристи споредено со 2019 година.
Кои земји од ЕУ најмногу заработуваат од туризам?
И покрај позитивните трендови во меѓународниот туризам, експертите се загрижени поради одредени економски фактори, вклучувајќи: послаб економски раст, високи трошоци за патување и зголемување на царините. Овие се трите главни предизвици што би можеле да влијаат врз меѓународниот туризам во 2025 година. Според истражување на Панелот на експерти на СТО (УНВТО), една четвртина од испитаниците очекуваат дека трговските тензии би можеле да имаат влијание врз перформансите на туризмот во блиска иднина.
Сепак, Шпанија – втората најголема туристичка економија во светот – пријави раст од девет отсто на потрошувачката од страна на туристите во јануари и февруари 2025, во споредба со истите два месеца во 2024. Ова следува по значаен раст од 16 отсто во 2024 година. Франција забележа пораст од шест проценти на приходите од меѓународен туризам, додека Данска имаше зголемување од 11 отсто во првиот квартал од 2025 година. Грција, Италија и Португалија, исто така, пријавиле пораст на добивките од туризам од четири проценти во истиот период.
Како балканските земји да привлечат дел од туристите
Последните години туризмот на Балканот нема само сезонски карактер, а за одредени земји станува сериозен стратешки столб на економијата. Летните дестинации од јадранскиот брег до планинските езера привлекуваат милиони туристи годишно, а со тоа и милијарди приходи.
Хрватска и Црна Гора во последните години се позиционираа како главни летни туристички дестинации. Со над 1.000 острови, кристално чисто море и извонредно развиена инфраструктура, Хрватска привлекува над 18 милиони туристи секоја година. Црна Гора доживува импресивен раст – особено во луксузниот туризам, со многубројни инвестиции во хотели од висока класа и марини за јахти.
Хрватска е меѓу 20-те земји во светот по приходи од туризам во однос на бројот на жители. Во 2024 година, Хрватска остварила над 14 милијарди евра приходи од туризам, додека Црна Гора остварила околу 1,3 милијарда евра.
Грција е синоним за летни одмори во Европа. Нејзиниот брег и повеќе од 6.000 острови (од кои 227 се населени) овозможуваат разновиден туристички производ што ги задоволува речиси сите вкусови. Во 2024 година, Грција регистрираше над 21 милијарда евра приход од туризмот, што ја прави апсолутен лидер во регионот.
Новата ѕвезда на Јадранот
Албанија доживеа вистински туристички бум во последните години, признаена како прифатлива, автентична и егзотична дестинација на Балканот, а нејзината ривиера, особено Саранда и Ксамил, станува попопуларна меѓу европските и регионалните туристи. Според податоците, повеќе од 11,7 милиони странски туристи ја посетиле Албанија во 2024 година. Овој раст е резултат на системски реформи, инвестиции во инфраструктура и подобра промоција на земјата како безбеден и привлечен летен одморалиште.
Албанија се издвојува по својата природна убавина и сè уште ниските цени, што привлекува помлади туристи и семејства од земји како Полска, Чешка и Германија. За разлика од некои поразвиени дестинации, Албанија има простор за понатамошен раст. Правилно насочените инвестиции во обука на персоналот, заштита на крајбрежјето и подобрување на услугите можат значително да придонесат за уште поголема профитабилност во наредните години.
За летниот туризам да биде навистина профитабилен и одржлив на долг рок, земјите во регионот мора да размислуваат подалеку од само промоција на плажите. Клучот е во стратешките врски – и физички и маркетиншки. Еден од најважните чекори кон зголемување на профитот е инвестирањето во инфраструктура. Кога патиштата се со добар квалитет, сигналите се сигурни и сите информации се достапни онлајн, туристите полесно се движат, планираат подолг престој и се среќни да се вратат. Исто така, не треба да ја занемариме едукацијата на персоналот во угостителската индустрија – бидејќи ниедна реклама не може да го надмине чувството што го остава топол домаќин или добро обучен водич.
Покрај тоа, промоцијата на локалните производи мора да стане составен дел од туристичката понуда. Ако искуството од летниот одмор е дополнето со квалитетни сувенири, автентична кујна и незаборавни приказни, не само што се зголемуваат тековните трошоци туку и емоционалната поврзаност на туристите со дестинацијата. И тоа е најдобрата гаранција за нивната лојалност.
Летниот туризам на Балканот поминува низ фаза на зрелост и забрзан раст. Профитабилноста не зависи само од бројот на туристи туку и од тоа колку секој од нив троши, колку останува и дали ќе се врати. Е.Р.
Како е претставена Македонија во светските туристички магазини?
Познатиот светски медиум „Нешнл џиографик“ со посебен напис за балканските земји што не излегуваат на море ги истакна убавините на нашите соседи, но и на нашата земја. Како што пишуваат: „Македонија и покрај извонредните планини, езера и историски места, е блажено скромна и во голема мера незасегната од прекумерен туризам. Градот Охрид е една од најголемите атракции во земјата поради своите фрескоизвезени православни цркви, патувања со брод и шеталишта покрај езерото. Но руралните области на земјата се вистинско уживање – особено националните паркови Маврово и Пелистер, кои се погодни за лежерно возење со запирање во селските таверни и тезгите со производи покрај патот“.
– Петстотини години отоманско владеење имаа забележително влијание врз храната, која е поразновидна од повеќето други кујни на Западен Балкан и со помалку зачини. Ајварот е пример за тоа. Овој вкусен намаз од црвена пиперка и модар патлиџан може да има вистинска лутина и се наоѓа во менито во многу локални ресторани. Печеното месо исто така е истакнато, како што е случајот низ целиот Балкан, но националното јадење е веганско: чорба од бел грав познато како тавче-гравче. Локалните пазари се преполни со планински билки, локален мед и остри тврди сирења, кои исто така се појавуваат на масите за појадок во руралните пансиони – потенцираат од „Нешнл џиографик“ во анализата.
„Нова Македонија“ преку фељтонот „Мистична Македонија: Музеј под отворено небо“ и серијалот „Туристичкиот потенцијал на Македонија“ на м-р Никола Ристевски ги промовира природните ресурси, богатото културно наследство и туристичкиот потенцијал на земјава. Токму за таа цел редакцијата на „Нова Македонија“ во оваа пригода најавува дека ќе објави и додаток со сите продолженија од серијалот „Туристичкиот потенцијал на Македонија“ во празничното издание на весникот по повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, укажувајќи на можностите за дополнително унапредување на туризмот како стопанска гранка со исклучително висок, но неискористен потенцијал.
– За Македонија да прерасне во конкурентна туристичка дестинација од светски ранг, потребни се решителни и стратешки чекори. Информациите се најсилниот ресурс на 21 век. Доколку постои свест за почеток на организација на ресурсите на туристичката дестинација Македонија, најпрвин треба да се соберат потребните информации за научна анализа, планирање, прогнозирање, оформување стратегија, менаџмент и маркетинг на туризмот. Kлучна, иако често занемарена, е неразделната врска помеѓу медиумската средина на една земја и нејзиниот развој на туризмот. Затоа, за Република Македонија целосно да го реализира својот туристички потенцијал, пожелно е активно да поттикнува медиумска промоција не само на статистички податоци туку и да го претстави потенцијалот за туристички развој – не само пред странците туку и пред македонскиот народ, со цел привлекување странски, но и домашни инвестиции – посочува Ристевски, меѓу другото, во еден од неговите написи од серијалот „Туристичкиот потенцијал на Македонија“. Е.Р.