(Кон 42-от Меѓународен театарски фестивал во Алмада, Португалија, 4-18 јули 2025)

Театарскиот контекст секогаш нѐ потсетува на нашиот ангажман како дел од цивилизацијата, која е постојано на раб на истребување. Дали нашата анксиозност ќе нѐ втурне во нови пософистицирани конфликти, па ќе продуцираме мртви тела или нашата инспирација ќе нѐ наведе на нови толкувања на животните предизвици, па ќе создадеме креации што ќе ја продолжат нашата духовна егзистенција, тоа се спиритуални екстензии што ни се наметнуваат како предизвици во секој момент од животот. Театарот не е секогаш огледало на нашата стварност, тој е во многу наврати и предупредување за заканите што ние како човечки суштества си ги испраќаме со или без причина. Претставата за кратко време ни го оттргнува вниманието за да ни претскаже, да нѐ вознемири, да ни ја отслика реалноста на начин на кој ние, како нејзини учесници, никогаш нема да можеме. Причината за војна и за мир е секогаш некаде далеку, а каузалитетот и на војната и на мирот лежи во двете сочувствувања на оној другиот, кој е до нас, блиску, но и оној што е далеку од нас, па ние се храниме од неговата лага или вистина. Војната и мирот се лагата и вистината на модерното време и театарот ги одгледува своите плодови токму на тоа тло.
Театарскиот фестивал во Алмада, Португалија, секогаш воодушевува со својот уникум, со исклучително мудро спакуваната селекција, но и со пораката, која е секогаш универзална и значенска. Ова, 42. издание на овој фестивал донесува дваесет продукции од Италија, Франција, Германија, Шпанија и од Португалија, претстави чии режии и драматургии, покрај другите уметници, ги потпишуваат и Томас Остермаер, Ема Данте, Жоел Померат, сценски дела што зборуваат за човековите трауми и цивилизациските недоразбирања. Низ четиринаесетте дена театарски настани, овој фестивал ни понуди и различни начини на театарско промислување, кои, низ кореографијата, маската, текстуалната виртуозност, но и преку раскажувачкиот театарски илузионизам, ни ја донесоа возбудата на различните стилови на режија и актерска игра. Во таа насока можеме да ги одвоиме претставите „Историја на насилството“ на Томас Остермаер во продукција на театарот „Шаубине“ од Берлин, тензична и констернирана театарска инсценација на романот на младиот француски прозаист Едуар Луј, која говори за длабоките корени на расизмот и за неговото поттурнување под тепих, за сè уште акутната „невидливост“ на тие конфликти, кои повремено прераснуваат во зачудувачки размери. Остермаер со ова претстава нè предупредува дека хуманистичките вертикали на човекот во дваесет и првиот век се многу фрагилни и дека омразата и деструкцијата, во овој грешен дваесет и први век сè уште се на пиедесталот на политичките превирања. Во оваа претстава раскажувачкиот момент е онаа дистанца од која започнува токсичното превреднување на човекот во тензичните констелации на расната и националистичка нетрпеливост, која ја обележа модерната милитантна доба, додека реалистичниот аспект нè потсетува на тоа дека хуманизмот е можеби многу далеку, но, сепак, не е недостижен.

Покрај оваа сјајна претстава на Шаубуне, би ја издвоил и претставата „Teatro Delusio“ на театарот „Фамилија Флез“ од Штутгарт, чија духовитост низ играта со маски, посветена на интригантните сцени од класичните драмски дела нè поведува зад сцената и низ стилот „театар вио театар“, нè потсетува дека илузијата не е само театарска духовна храна туку дека е и дел од нашиот секојдневен живот, како и претставата „Zugzwang“ на театарската трупа од Франција, „Галактика ансамбл“, која зборува за погрешните потези и нарушувањата на интимниот свет низ конфликтите, кои се основа за современата, долго очекувана апокалипса. Актерите на „Галактика“ говорат со јазикот на невербата и непостојаноста, а нивните контексти се движат од интимусот кон генерализацијата на човековите погрешни одлуки. Собирајќи ги и одземајќи ги „телата во конфликт“, како што и самите кажуваат, Матје Блетон, Моси Еспиноза, Јонас Жулијан, Карим Месоуди и Цирил Перно се актерите што го артикулираа внатрешниот конфликт во генерализирана стигма што ни го распарчува секојдневието. Дијаметрално различна од овие две претстави е претставата „Мариус“, по текст на Марсел Пањол, а во режија на францускиот режисер Жоел Померат, каде што се работи за исклучително реалистичен театар, кој е плод на соработката на режисерот со Жан Руими, осуденик на долга затворска казна, претстава што зборува за разделбите и за раскинатите семејни вредности, претстава во продукција на трупата на Луј Бруилјар од Париз, а кога сме веќе кај претставите базирани на драмска предлошка би ја истакнал и монодрамата „Монокл, портрет на СД. Фон Харден“, травестија на португалскиот актер Кристовао Кампос, посветена на новинарката Силвија фон Харден, која му била муза на германскиот експресионист Ото Дикс, претстава што зборува за половата реинтеграција и нејзиниот одглас во времето на нацистичкиот конзервативизам. Она што ја импресионира португалската публика, по големиот број интересни театарски видувања, беше претставата на големата италијанска филмска и театарска уметница Ема Данте, насловена „Extra moenia“, наслов што има многу сигнификантна преносна смисла и неговото латинско значење е „надвор од ѕидовите“. Претставата на театарот „Бјондо“ од Палермо, Сицилија, нè потсетува на, како што вели и самата режисерка, „злосторствата на нашето време“, а театарот е токму тој што „треба да ги осуди“. Претстава родена од импровизации, зборува со јазикот на гневот и иронијата.

Со многу малку текст, но со голема пластика и мотивираност, оваа претстава проговори за сето она што значи репресија и деструкција, за човековата лакомост и непоправлив хедонизам. Низ прототиповите што прекрасните актери и актерки ги развиваат до последен детаљ, низ еден неореалистичен стил, претставата на Ема Данте нè носи во светот каде што границите на деструкцијата не се гледаат, но само се насетуваат затоа што на дното од Пандорината кутија сè уште живее надежта.
Годинашното четириесет и второ издание на театарскиот фестивал во Алмада донесе и шест португалски продукции, од кои би го издвол: Националната балетска трупа од Лисабон со мошне впечатливиот балетски диптих „Четири агли во сонетот и Погледот“ во кореографија на Фернандо Дуарте во соработка со Ана Лацерда, Инес Амарал, Изабел Галрица и Паулина Сантос, на музика на Џон Дауленд и Диего Писадор, а по текст на Луис де Камоес, како и суптилната дуодрама „Повеќе од совршено збогум“, според истоимениот роман на Петер Хандке, во продукција на градскиот театар „Јоаким Бените“ од Алмада, во адаптација на Педро Проенча, а во режија на Тереза Гафеира, во изведба на Дуарте Гуимараеш и Педро Валтер.
Театарската магија на овој фестивал е иманентна. Селекторот и уметнички раководител Родриго Франциско создава цел еден театарски паноптикум отворајќи ги и дилемите, но и воодушевувањата од различните промислувања на класиката и современата театарска драматика. Во своите пазуви, овој фестивал ги сместил сите театарски жанрови пренесувајќи ни го нам, како публика, чувството за современата театарска тектоника, за актуелноста на еден театарски момент, кој не само што возбудува туку и ангажира, пренесувајќи ја пораката за хуманизмот на најдобар можен креативен начин.
Големиот американски прозаист Џон Штајнбек во своето дело „Еднаш таму имаше војна“ вели: „Театарот е единствената институција во светот што умира четири илјади години и никогаш не успеала да умре. Потребни се тешки и посветени луѓе за да се одржи во живот“. Создавачите на овој фантастичен театарски фестивал се токму тоа: посветени и цврсти луѓе, кои секоја година нè радуваат со нови промислувања на театарот.

Рецензија на Сашо Огненовски