Фото: „Нова Македонија“

Студија за проценка на еколошкиот отпечаток
за предизвиците и потребите во секојдневниот живот

Изготвување студија за проценка на еколошкиот отпечаток на Општина Охрид е предвидено во програмата за заштита на животната средина и природата за 2025 година на Општина Охрид, во согласност со одлуката за усвојување на нејзините измени и дополнувања.
– Човековите активност ги трошат природните ресурси, а притоа емитираат јаглероден диоксид и произведуваат отпад. Како што нашата популација расте, потрошувачката се зголемува, при што од суштинско значење е да го измериме капацитетот на природата за да се исполнат овие барања. Еколошкиот отпечаток се наметнува како една од водечките мерки за пресметување на човековата побарувачка од природата. Тоа е метрички управуван податок што покажува колку одржливо живееме. Пресметките се како „банкарски извештаи“ со кои документираме дали живееме во рамките на нашиот еколошки буџет или ги консумираме природните ресурси повеќе и побрзо отколку што тие може да се обноват. Еколошкиот отпечаток се мери како природна област или како износ на природниот капитал што се консумира секоја година или хектари површина што им се потребни на сите жители, вклучувајќи ја и природната област потребна за да се асимилира произведениот отпад и да го филтрира јаглерод диоксидот – велат од општината.
Во определбата за дефинирање на насоките за одржлив развој, има потреба од определување на својот еколошки капацитет и утврдување на својот еколошки отпечаток (печат), како алатка за мерливо управување со развојот.
– Еколошкиот отпечаток, како мерлив индикатор на одржливиот развој, треба да го определи биолошкиот капацитет на просторoт на Општина Охрид во однос на предизвиците и потребите во секојдневниот живот на граѓаните во областите на транспортот, домувањето, обработката на земјиштето, создавањето на отпадот, индустриското производство и слично. Тој треба да даде одговор на прашањето: колку простор е потребен за граѓаните, за создавање на сето она што го консумираат од своето опкружување (продукти и ресурси) и што произведуваат и со што ја обременуваат својата животна средина (отпад и емисии), при што податоците ќе се обработуваат на годишно ниво – додаваат надлежните.
Еколошкиот отпечаток на една одредена популација е мера на влијанието што тие луѓе го имаат врз нивната околина. Се мери вкупното количество обработлива почва и на вода што се потребни за производство на сите ресурси што се искористуваат и количеството обработлива почва и вода потребни за згрижување на отпадот што популацијата го создава.
Пресметувањето на еколошкиот отпечаток треба да вклучи детални информации за потрошувачка на ресурси во одредена базна година за: храна, енергија, транспорт, изградена инфраструктура, отпад, туризам.
Еколошкиот отпечаток на Општина Охрид не може да биде само збир на еколошките отпечатоци пресметани за секоја од наведените компоненти и категории. Врз основа на еколошкиот отпечаток се добиваат значајни податоци за идентификација на проблемите и каде се лоцирани. Во оваа смисла, еколошкиот отпечаток е само првиот чекор во изработка на проценката на одржливиот развој на општината. Урбанистичкото планирање како комплексна дисциплина бара поширок, поцелосен и сеопфатен метод на проценка, кој треба да опфати, покрај анализата на трошоците и добивките, економските и социјалните влијанија, трошоците на животниот циклус (транспорт, инфраструктура на водите за пиење и отпадните води и сл.), и предлог-мерки и активности во насока на унапредување на одржливиот развој на Општина Охрид. Сеопфатна слика за одржливоста на општината може да се добие ако општината не се набљудува како збир на издвоени делови и функции, туку како урбан екосистем.


Прилеп

Воведување на пилот-проектот „Зона 30“ за намалување на сообраќајната брзина

Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот разгледа можности за спроведување пилот-проект за воведување на „Зона 30“ во ТИПС-населбата, со цел намалување на сообраќајната брзина и зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот.
За таа цел треба да се организираат обуки во основните училишта, кои ќе ги реализира Сообраќајното одделение при ОВР-Прилеп. Овие обуки ќе бидат насочени кон безбедно движење на велосипедистите и корисниците на електрични тротинети по постојните коловози. Советот исто така ја разгледа и можноста за повторно воспоставување на натпреварот „Семафор“, како дел од активностите за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот, особено кај младите.
Притоа е посочено дека треба да има поставување технички средства за забавување на сообраќајот, познати како легнати полицајци, со цел зголемување на безбедноста на пешаците и другите учесници во сообраќајот. Врз основа на реакции од граѓаните, усвоени се приоритетни предлози за нови локации за поставување легнати полицајци. Покрај ова, Општина Прилеп во соработка со Министерството за транспорт и врски спроведува проект за поставување технички средства за забавување на сообраќајот на дополнителни 31 локација. Сите овие активности, велат надлежните, се за побезбеден сообраќај, поголема одговорност и поздрава животна средина.


Скопје

Училиштата во општината Аеродром се подготвуваат за учебната година

Во основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“ и „Александар Македонски“ во општината Аеродром се вршат последните подготовки пред почетокот на новата учебна година. Во ОУ „Браќа Миладиновци“ летово беше реновирана училишната спортска сала, која ќе овозможи подобри услови за спортските активности на учениците. Во основното училиште „Блаже Конески“ се молерисуваат ѕидовите и се поставува фасада на новиот дел од објектот, каде што неодамна беа инсталирани прозорци, што значи дека училиштето ќе биде енергетски ефикасно.
Во ОУ „Љубен Лапе“ целосно е реновиран главниот влез, вклучувајќи нова фасада, гранитни нелизгачки плочки на платото и скалите, како и железна ограда за поголема безбедност на учениците. Исто така, се реновираа две училници и се варосаа ходниците на првиот кат, а главниот влез се реновира и во училиштето „Александар Македонски“.
– Нашата цел е секое дете да учи во безбедна и современа средина. Со овие значајни инвестиции во реновирањата на училиштата, создаваме подобри услови за учење и развој на младите генерации во Аеродром. Ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата за квалитетно образование и безбедност на учениците – вели градоначалникот Дејан Митески, кој изврши увид на самото место.


Проект „Одржливи општини“

Седум проекти со вкупно 18 корисници – општини и организации од граѓанскиот сектор од Македонија – ќе бидат финансирани за реализација во општините преку Министерството за локална самоуправа.
Проектите ќе се реализираат во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, преку отворениот повик за инвестициски иницијативи по приоритетот 3: „Интегриран развој на прекуграничниот регион“.
Вкупната вредност на јавниот повик изнесува 500.971.694 денари. Од овие средства за македонските корисници се обезбедени 137.887.557 денари преку кофинансирање од ЕУ и национално кофинансирање во вредност од 26.349.547 денари.
Проектите се во област на препознатлив културен и природно ориентиран и одржлив туризам, велат од Министерството за локална самоуправа, потенцирајќи дека преку оваа програма ги развиваат Источниот, Југоисточниот и Североисточниот плански регион.


Скопје

Богата програма на Културното лето во општината Ѓорче Петров

Официјално започна Културното лето во општината Ѓорче Петров, во петокот, со проекцијата на македонскиот филм „До балчак“ на режисерот Столе Попов, кој своевремено беше и македонски кандидат за „оскар“. Во саботата граѓаните го проследија „Баскер перформанс шоу“, а потоа уживаа во музичка содржина именувана „На свирка во Ѓорче“.
Богатата програма на Културното лето во Ѓорче Петров ќе се одвива во наредните триесетина дена. Во периодот што следува граѓаните ќе можат да уживаат во разновидни културни, уметнички, забавни и естрадни настани. Ќе се одржат мноштво поп-рок и фолк-концерти на познати македонски естрадни уметници и групи, проекции на македонски играни и анимирани филмови, мултимедијални и интерактивни програми, базар, работилници, ликовна уметност и уметнички перформанси, настапи на фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва, фестивалски изведби на песни за деца и возрасни, фестивал на уличен театар и баскер-перформанси… И уште многу други разновидни содржини за сите вкусови и сите генерации.
Централниот парк на општината Ѓорче Петров, но и уште неколку други локации во општината во следните триесетина дена ќе прераснат во лулка на културата, уметноста и забавата за сите возрасти, како за граѓаните на Ѓорче така и за сите други.
– Ве очекуваме на дружење под ѕвездите за да ја споделиме магијата на филмот и заедно да го започнеме културното лето во Ѓорче Петров – порачуваат во својот повик од Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски.