Од 2017 година првата дама на Франција е жртва на кампања на социјалните медиуми во која се тврди дека таа е „родена како маж“. Разлутен од оваа лажна вест, која ги поткопува неговиот углед и неговиот приватен живот, шефот на државата има намера да ги продолжи судските постапки што тој и неговата сопруга ги поведоа за да ги осудат главните распространувачи во Франција и во Соединетите Американски Држави
Нов развој на настаните во врска со аферата за трансродовиот идентитет на Брижит Макрон, односно дека „првата дама на Франција е родена како маж“
Францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за неделникот „Пари мач“ се осврна на тврдењето дека првата дама на Франција е „родена како маж“. И ако оваа вест стана составен дел од глобалните теории на заговор, тој ја потврди својата подготвеност да поведе судски постапки „докрај“ за да бидат осудени нејзините главни креатори и пренесувачи.
Од 2017 година првата дама на Франција е жртва на кампања на социјалните медиуми во која се тврди дека таа е „родена како маж“. Разлутен од оваа лажна вест, која ги поткопува неговиот углед и неговиот приватен живот, шефот на државата има намера да ги продолжи судските постапки што тој и неговата сопруга ги поведоа за да ги осудат главните распространувачи во Франција и во Соединетите Американски Држави.
– Ова е бесмислица! Ова стана толку раширено во САД што моравме да реагираме. Станува збор за почитување на вистината. Зборуваме за граѓанскиот статус на првата дама на Франција, која е сопруга, мајка, баба… – се лути Емануел Макрон, оправдувајќи го својот контранапад без преседан за актуелен шеф на држава со експоненцијалната виралност на оваа лажна вест, која со текот на годините стана составен дел од глобалните теории на заговор.
Кампањата „првата дама на Франција е родена како маж“ доби меѓународни размери
Ова е вторпат Емануел Макрон јавно да одговори на оваа кампања, при што ја квалификуваше како „клеветничка“. На 8 март 2024 година, по церемонијата за запечатување на вклучувањето на абортусот во Уставот, кога беше прашан од ТФ1 за „сексистичките напади“ што ги претрпе Брижит Макрон, шефот на државата одговори дека „најлошото нешто се лажните вести и измислените сценарија, со луѓе што на крајот им веруваат и кои ве туркаат наоколу, вклучувајќи го и вашиот приватен живот“.
Но она што започна како „црна кампања“ на француските теоретичари на заговор, за само неколку години доби меѓународни размери благодарение на моќните дигитални платформи, вклучувајќи ја и американската инфлуенсерка Кендис Овенс, која го претвори тврдењето во видеосерија наречена „Станувајќи Брижит“ (Becoming Brigitte), како и книга што урна рекорди на продажба во САД по објавувањето во јануари. Оваа алгоритамска битка брзо ескалираше во правна конфронтација, спротивставувајќи ги Макронови против влијателните теоретичари на заговор. Додека чекаат ново судење во Франција кон крајот на 2025 година, Емануел и Брижит Макрон поднесоа тужби за клевета против Кендис Овенс во суд во Делавер, САД.
Аферата за Брижит Макрон се најде меѓу најраспространетите теории на заговор
Специјалистот за теории на заговор и лажни вести Томас Хушон процени дека помеѓу март и мај 2025 година оваа приказна за Брижит Макрон достигна место меѓу најраспространетите три теории на заговор, со една милијарда прегледи само во земјите што зборуваат француски.
– Апсолутно е колосално. Немаме основа за споредба за тема што би се проширила толку широко и толку брзо – објасни авторот на книгата „Отпор кон лажните вести“ за радиото Франс Интер.
За францускиот претседател гласините за наводниот трансродов идентитет на првата дама затоа добиваат политичка димензија во свет каде што популистичките антиелитски дискурси, кои ги осветуваат „алтернативните вистини“ на штета на фактите, се шират до тој степен што го загрозуваат кредибилитетот на владите и ја оштетуваат јавната дебата во западните демократии.
– Ова е некој (се мисли на Кендис Овенс – н.з.) што добро знаел дека поседува лажни информации и го сторил тоа со цел да предизвика штета, во служба на идеологија и со воспоставени врски со крајно десничарските лидери – велат познавачите на состојбите.
Радикална промена во политиката на Елисејската палата кон лажните вести
Во последните месеци политиката на Елисејската палата во врска со лажните информации за Емануел Макрон радикално еволуираше. Одделот за следење и комуникации на претседателската палата повеќе не се двоуми брзо да ги негира на профилот Икс на Елисејската палата информациите што се сметаат за „сериозни“ бидејќи ја поткопуваат претседателската порака и се многу вирални или засилени од мрежи за странско мешање. Елисејската палата затоа претпочита „во најмала рака барем да предизвика сомнеж“ за лажните информации, преземајќи го ризикот да им даде поголема видливост.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција