Израелски тенк во близина на границата со Појасот Газа / Фото: ЕПА

Договорот би вклучувал 60-дневно примирје, ослободување дел од заложниците што ги држи Хамас во замена за стотици палестински затвореници, наплив од хуманитарна помош во Газа и разговори за траен прекин на огнот

Откако Хамас се согласи на прекин на огнот

Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека прифатила предлог од арапски медијатори за прекин на огнот во 22-месечната војна предизвикана од нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година. Израел сè уште не одговорил и вели дека останува посветен на поразување на милитантната група. Најновиот предлог развиен од Египет и Катар содржи само мали измени во однос на претходниот предлог на САД прифатен од Израел, според египетски и претставници на Хамас, кои зборуваа анонимно поради чувствителноста на темата.
Договорот би вклучувал 60-дневно примирје, ослободување дел од заложниците што ги држи Хамас во замена за стотици палестински затвореници, наплив од хуманитарна помош во Газа и разговори за траен прекин на огнот.
Израел вети дека ќе ја продолжи војната сè додека не се вратат сите заложници и додека Хамас не се разоружи. Американскиот претседател Доналд Трамп им даде поддршка на тие цели во објава на социјалните мрежи во понеделникот, велејќи дека Хамас мора да биде „уништен“ за да се обезбеди враќање на преостанатите заложници.

Прекин на огнот, ослободување на заложниците и прилив на помош

Деталите од најновиот предлог не се објавени, но двајца египетски претставници и двајца претставници на Хамас ги опишаа општите контури на спогодбата за „Асошиејтед прес“. Предвидено е да има 60-дневен прекин на огнот во кој израелските сили ќе се повлечат во тампон-зоната што се протега 800 метри во Газа. Изворите на „Асошиејтед прес“ рекоа дека претставникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, предложил 1.500 метри, а Хамас возвратил со барање за 600 метри, пред застојот во разговорите до кои дошло минатиот месец.
Хамас ќе ослободи 10 живи заложници и останки на 18 други во неколку фази, во замена за ослободување на околу 1.700 Палестинци затворени од Израел, вклучувајќи 200 што отслужуваат доживотни затворски казни откако беа осудени за смртоносни напади. Милитантите предводени од Хамас зедоа 251 лице како заложници во нападот на 7 октомври и убија околу 1.200 лица, претежно цивили. Педесет заложници сѐ уште се во Газа, од кои се верува дека околу 20 се живи (според информации од Израел), откако повеќето од преостанатите беа ослободени со прекините на огнот или други договори.
Израел ќе дозволи влез на 600 камиони со хуманитарна помош секојдневно, што претставува значително зголемување што би можело да помогне во спречувањето на она што експертите го опишаа како „втурнување на Газа во глад“. Израел дозволи влез на слично количество помош во Газа при претходен прекин на огнот годинава.
За време на привремениот прекин на огнот, страните ќе преговараат за трајно примирје, ослободување на преостанатите заложници и понатамошно повлекување на израелските сили. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека иако привремено ќе ги запре борбите за да го олесни ослободувањето на заложниците, нема да ја заврши војната сè додека Хамас не биде поразен и разоружен. Дури и тогаш, тој вели дека Израел ќе ја одржи безбедносната контрола врз Газа и ќе го олесни преместувањето на голем дел од нејзиното население во други земји преку она што тој го опишува како доброволна емиграција. Палестинците и голем дел од меѓународната заедница го сметаат тоа за присилно протерување. Претходно месецов Нетанјаху објави планови за окупирање на градот Газа и други густо населени области, што веројатно би резултирало со уште повеќе жртви и понатамошни бранови на масовно раселување. Овие закани делумно беа насочени кон притисок врз Хамас.
Во израелската офанзива веќе загинаа над 62 илјади Палестинци, според Министерството за здравство на Газа. Оваа институција не кажува колкумина биле цивили или борци, но тврди дека жените и децата сочинуваат околу половина од убиените. Огромни области на Газа се целосно уништени. Министерството е дел од владата предводена од Хамас и управувана од медицински професионалци. Обединетите нации и многу независни експерти ги сметаат неговите бројки за најсигурна процена на жртвите во војната. Израел ги оспорува, но не ги прикажа своите процени.

Хамас е сериозно ослабен, но не е поразен

Хамас претрпе големи загуби во текот на речиси две години од војната. Повеќето од главните лидери на организацијата се убиени, нејзините ракетни резерви се значително исцрпени, а Израел редовно најавува уништување на тунелските комплекси и на друга воена инфраструктура. Иран и другите регионални сојузници на Хамас се во хаос по израелските и американските напади. Израелската војска вели дека сега контролира најмалку 75 отсто од Газа, при што значителен дел од населението и остатоците од владата и полициските сили на Хамас во голема мера се ограничени во градот Газа, изградените бегалски кампови од војната во 1948 година, поврзана со создавањето на Израел и Муваси, шаторски камп покрај брегот.
Заложниците се последниот адут за Хамас и неговата единствена надеж да излезе од војната со нешто што може да се обиде да го прикаже како победа. Милитантната група изјави дека ќе ги ослободи преостанатите заробеници само во замена за повеќе палестински затвореници, траен прекин на огнот и целосно повлекување на Израел. Хамас вели дека е подготвен да им ја предаде власта на други Палестинци, но нема да го положи оружјето сè додека Израел ги окупира териториите што Палестинците ги сакаат за идна држава. Израел вели дека секој договор што го остава Хамас недопрен и вооружен би овозможил милитантната организација да ги обнови своите сили и да започне уште еден напад во стилот на 7 октомври.

Улогата на САД е клучна

Израел не ги искоментира разговорите и не е јасно кога ќе одговори. Кабинетот за безбедност, кој би требало да одобри таков договор, обично се состанува во четврток. Во меѓувреме сите очи се вперени во Вашингтон. Трамп помогна претходно да се постигне прекин на огнот, во јануари, откако администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден и арапските медијатори поминаа месеци работејќи на него. САД потоа понудија целосна поддршка кога Израел го прекина тоа примирје и ја продолжи својата воздушна и копнена војна во март.
Трамп можеби ќе може да го убеди Израел да ја запре војната без да се обидува да го искорени Хамас по цена на безброј палестински животи и евентуално на преостанатите заложници. Тој вели дека сака да ги врати заложниците и да ја заврши војната, но јавно не извршил притисок врз Израел. Во објава на неговата социјална мрежа Трут сошл во понеделникот Трамп повторно изрази целосна поддршка за крајната игра на Нетанјаху.
„Ќе го видиме враќањето на преостанатите заложници само кога Хамас ќе биде соочен и уништен!!! Колку побрзо се случи тоа толку ќе бидат поголеми шансите за успех. Играјте за да победите или воопшто не играјте!“, напиша Трамп.