Од 22 до 24 август

Група ентузијасти, повеќето роднокрајци од историското село Црвена Вода, Дебрца, формално собрани во друштвото за култура и литература „Мацково“, во чест и слава на соселанецот што надалеку ги прослави, веќе седма година ја организираат манифестацијата балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“.
Мацково е една од трите населби на падините на Караорман од каде што дошле предците на Николески во заедничкото населено место Црвена Вода.
Манифестацијата, формално, започнува наредниот петок, 22 август, со свечено отворање во централното основно училиште „Ванчо Николески“ во Лескоец, крај Охрид, единствената институција што го носи името на бардот на македонската литература за деца и млади во Македонија.
Професорите и учениците, по традиција, подготвуваат културно-уметничка програма за своите драги гости, годинашните учесници од Србија, Турција, Албанија, Грција и домаќинот Македонија, по што, заедно, во Алејата на заслужните на Градските гробишта во Охрид ќе положат цвеќе на вечното живеалиште на Николески.
Традиционално, за нив се организира прием од страна на челните луѓе на Општина Охрид, инаку, финансиски покровител и поддржувач на манифестацијата, која е под формален патронат на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, Италија.

Вториот ден, сабота, учесниците ќе бидат пречекани од етничките Македонци во блиските соседни земји, додека, во Глобочани, кај Пустец, ќе имаат час и разгледување на Спомен-домот на прославениот албански прозен автор од македонско потекло Стерјо Спасе.
Последниот ден, недела, ќе им бидат гости на мештаните од Црвена Вода, каде што им се приредува закуска со селски специјалитети, ја разгледуваат Спомен-собата на Ванчо Николески, а пред неговата родна куќа им се доделуваат повелбите за учество.
Младите литерати, цело време, ќе бидат под креативната грижа и поука од страна на нашиот познат автор и педагог, професор д-р Христо Петровски.
Во рамките на воспоставената традиционална соработка, учесниците ќе бидат во можност да ги следат манифестациите на „Струшките вечери на поезијата“.
Годинава, гости на манифестацијата се и група нашинци што живеат во Австралија, а кои, исто така, ги слават името и делото на Ванчо Николески, за што пошироки информации ќе добијат од страна на познатиот македонски активист Наум Трајчески, поет и претседател на македонското литературно друштво „Ванчо Николески“ од Квинбијан.