Во Скопје вечерва е отворен Инфо-центар за евроатлански интеграции во кој граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со придобвиките од влезот на Македонија во НАТО и Европската Унија. Центарот е проект спроведуван од страна на граѓанската асоцијација „МОСТ“ и е поддржан од Секторот за јавна дипломатија на НАТО, Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, Британската амбасада во Скопје, Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која присуствуваше на отворањето на центарот, истакна дека стратешката цел на земјата да стане членка на НАТО, не дошла брзо и оти, како што рече, за жал, Македонија чекала многу повеќе од планираното.
– Но, кога решивме дека она што било во минатото, ќе го користиме како лекција, а не како оправдување, многу ни беше важно околу оваа стратешка цел да обезбедиме вистинска поддршка. Таа вистинска поддршка, пред се, се граѓаните на Република Македонија, а за да ги имате граѓаните мора да знаете на вистински начин да комуницирате, да споделувате вистински точни информации, меѓутоа и да бидете отворен да дискутирате за тие информации и за тие податоци. Тука ја гледаме вредноста на овој инфо центар- рече Шекеринска.
За министерот за надворешни работи Никола Димитров, важно е да бидеме активни и да разговараме што всушност значи членството во Североатлантската алијанса особено во време кога сме бомбардирани со лажни вести.
– Наша заедничка цел, не само како држава и како институции, туку како општество, е да ги доближиме евроатлантските вредности до граѓаните- рече Димитров, оценувајќи дека Македонија е поблиску до членството од кога било.
Наведе дека започнатите и успешно завршените преговори за членство се доказ дека Македонија кога цврсто ќе реши и може и знае како да успее да оствари едно од двете клучни стратешки интреси, за којшто има огромен консензус уште од раните деведесетти години.
– Членството е на дофат, ние на некој начин ги трчаме последните чекори. Ќе има предизвици, меѓутоа убеден сум, со оваа политичка волја и ваква поддршка од граѓаните, над 80 проценти, дека кон првиот квартал, крајот на првиот квартал идната година, Македонија ќе седне заедно со другите сојузници како 30-та земја иако членството ќе дојде подоцна штом ќе помине низ ратификацијата низ 29 парламенти на земјите-членки- заклучи министерот за надворешни работи.
Зоран Јанковиќ, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО со Македонија, нагласи дека со отворањето на Инфо-центарот за евроатлантски интеграции, граѓаните на Република Македонија ќе имаат можност да се запознаат со придобивките од влезот во НАТО, посочувајќи дека, сега во земјата има недоволна запознаеност од придобивките што го носи членството, како и дека центарот ќе придонесе да се намали негативното влијание против НАТО што доаѓа од различни страни.
– Секој чекор кон приближувањето кон НАТО е и индиректен чекор кон приближувањето кон Унијата- истакна Јанковиќ.