Историски континуитет или поделена македонска историја
Како да се постапува со минатото?
Ја живееме третата декада на 21 век, а некои луѓе (претходната политичка владејачка елита и неколку историчари) прават сѐ определени историски настани, личности, случувања и појави да бидат неприродно спротивставени внатре во самата историја. Тоа недоволно е предупредувачки, па со спротивставени ставови, политички и историски, се влетува во авантура на таканаречена заедничка историја со еден од нашите соседи – Република Бугарија. Некој, свесно или несвесно, намерно или ненамерно, времето ќе покаже, занемарува или игнорира дека Македонија во 1913 година беше поделена и оттогаш имаме и поделена историја и сега, без претходно да си ја завршиме домашната работа, исилено, зорле, неприродно и вештачки ќе прогласува заедничка историја со еден од субјектите што учествуваа во тројната поделба на Македонија.
Зошто се игнорира фактот, поточно од кои причини и за кои цели се прави тоа, дека ние внатре во Република Македонија докрај не сме ги доизградиле и конечно воспоставиле мостовите помеѓу одделните епохи и мостовите меѓу нивните историски протагонисти и антагонисти и докрај не сме ги помириле различните и во определен дел спротивставени ориентации во реализацијата на македонската историска идеја? Тука мислам пред сѐ на дејствувањето на ВМРО (со различни додавки) во периодот од втората деценија на 20 век до почетокот на НОБ, а секако и на скршнувањето од воспоставениот курс на АСНОМ, одење во правец на социјалистичка (црвена) револуција (која ја нема во документите на АСНОМ) и отстранувањето и физичкото уништување на македонската национална линија воспоставена со документите и одлуките на АСНОМ.
Што требаше да направиме на овој план? Што пропуштивме да сториме, а требаше и мораше да го сториме?
Овие се судбински прашања за кои ние сѐ уште бараме одговори, кои мораме да ги најдеме и да ги дадеме: пред самите нас, за нашата македонска историја и секако за тие што го негираат нашето постоење и не го признаваат нашиот историски континуитет. Прво што треба да направиме е да не дозволуваме повеќе други да ја пишуваат нашата историја наместо нас. Тоа доволно го правеа, како Бугарите, така и Грците, а да не ги заборавиме и Србите и Турците. И од нив да е, доста беше. Толку.
Треба да продолжиме таму каде што застана Михајло Апостолски, основоположникот на МАНУ и нејзин прв претседател, кој со своја стручна екипа ја напиша првата официјална историја на македонскиот народ во 1969 година, кој конечно создаде и своја држава (академик Михаило Апостолски, академик Блаже Конески, академик Димитар Митрев, д-р Данчо Зографски, д-р Христо Андонов Полјански, д-р Иван Катарџиев и проф. Љубен Лапе). Тука треба да се спомне и трудот „Македонскиот народ и македонската нација (Прилози за развитокот на македонската културно – национална мисла)“ од академик Блаже Ристевски. И за крај, „Историја на македонската книжевност“ (20 век од Миодраг Друговац). Подоцна следуваа и други изданија за македонската историја на македонскиот народ, македонската нација, македонската книжевност и македонскиот литературен јазик. Овие трудови беа првичен обид, би рекол успешен обид, кој ни даде одговори на следните прашања: Кои сме? Што сме? Од каде и какво е нашето потекло? Зошто го носиме името Македонија? Зошто се нарекуваме Македонци? Чии сме всушност ние? – Свои на своето. Македонски народ што создал македонска држава – Република Македонија. Во нив се содржани сите наши историски победи (Македонско востание – Кресненско востание; Разловечко востание; Илинденско востание; Крушевска Република; НОБ и Антифашистичката борба против окупаторите на Македонија; АСНОМ и неговите државотворни одлуки; Референдумот од 8 септември 1991 година). Но, набележани се и сите наши порази (Версај, Париз, Берлин, Сан Стефано, Букурешт), како показ и доказ дека некој ни грабнал од нашата родна грутка, нѐ избркал од нашите домови, ни ги сквернавел гробовите и нѐ пратил сургун.
И денес, кога мислевме дека конечно научивме колку лесно туѓинци и недобронамерници пишувале, а потоа за нивни потреби бришеле страници од историјата на македонскиот народ, македонската нација и Македонија и барем така ни се чинеше, дека сето тоа џенем заминало, како да ни се повторува историјата во вид на фарса, само што овој пат сме виновни ние самите, па дозволуваме под превезот на некаковси договор за пријателство, добрососедство и соработка други да чепкаат, одлучуваат, а најточно арбитрираат и судат, за најсветлите датуми од нашата македонска историја и за нашите историски херои и великани – преродбеници и револуционери. Тоа е недозволиво, спротивно на одредбите на Уставот на Република Македонија и на меѓународното право. Би рекле, срамно и до максимум апсурдно. Кога веќе сме на добар пат, кој во добар дел и го изодевме да го формулираме, автохтоно и автономно, нашето историско македонско гледиште и да изградиме единствен став за историјата на македонскиот народ, македонската нација и Македонија од дамнина и древнина, преку средновековието и вековите на преродба – 18 и 19 век, па до 20 век, век на завршување на македонската државотворност, како некој да ни става сопки и ни прави опструкции за тоа, ама како и ние самите да даваме придонес тие сопки и опструкции да бидат многу штетни за времето што го живееме и нашата иднина. Тие што не се свесни за ова, ние граѓаните на Република Македонија мораме да ги освестиме дека така, на тој начин и со такво штетно нивно однесување, никогаш докрај нема да ја оствариме нашата автентична суштина: да ја пишуваме нашата историја според паметот што го имаме, знаењето што го поседуваме, објективно, тоа да го прават историчари – експерти на професионален начин според општо прифатените стандарди на науката и историјата.
Горенаведените политички елити и неколкуте историчари упорно се трудат да ја напуштат логиката на македонскиот континуитет. Тоа е штетно и погубно за Република Македонија. Тоа е разорување – имплозија на македонската државотворност одвнатре. Од самата себе. Откажување и уништување на најсвоето – идејата за Македонија, идејата за македонизмот. Свесни сме дека историјата никогаш не е само некое праволиниско движење, некое рамномерно течење или, пак, структурирана од само една историска матрица и идеологија.
Но не треба да ги заборавиме и тешките пранги, сургуните, голготите, дијарбекирите, голиотоците, насилствата, ѕверствата, асимилациите, преселбите и раселбите, не само на луѓето туку и на коските и на гробовите на предадените, загинатите, покојните. Токму тоа ни го правеа воените хунти на Грција, егзархистите, врховистите и царските дворови на Бугарија и асимилаторските режими од минатото на Србија.
Ако дозволиме други да одлучуваат за нашта историја, тогаш дефинитивно влегуваме во нова заблуда и запаѓаме во историски ќор-сокак. Тогаш зошто имаме своја држава и национални институции. Нели е тоа дерогирање на Уставот и законите и предавање на суверенитетот. Па, луѓе мои, и студентите од прва година на Правен факултет знаат дека првата лекција по уставно право е дека суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив (членот 1, став 2 од Уставот на Р Македонија). Не смееме да дозволиме во нашата историја и историографија да се вратат политикантското, субјективистичкото, тенденциозното, во вид на постмодерна големобугарска пропаганда. Да се присетиме дека Хегел ваквите историографии ги споредува со животните, кои ги слушаат сите тонови на некоја музика, но до нивната свест не продира хармонизацијата на тие тонови.
Како да се постапува со минатото?
Пак ли ќе се претвориме во боиште покриено со коските на умерените? Повторно ли едно историско раздобје ќе го негира она претходното, и тоа толку жестоко, што повторно ќе нѐ фаќаат тешки јанѕи од тие безумни, разјарени, крвожедни квалификации и дисквалификации. Па, луѓе бре, нели еднаш засекогаш се самоосвестивме. Конечно, не сфативме ли еднаш засекогаш дека секоја историја е историја на своето време и длабоко условена од него. Нели е понижувачки и голем национален срам, бугарските историчари да ни кажуваат што е што во нашата историја и кој е кој во неа – во македонската историја? Никој ли нема слух и чувство дека тоа е ставање сол на нашите вековни рани, оживување на јанѕите, предизвикување нови болки?
Зарем повторно, и повторно, друг да ни кажува и одлучува за нашите историски вистини и хероите во нив, за кодошите, за предателите?
Зошто да трпиме нови цензури и да создаваме непотребни автоцензури? И сето тоа од постмодерните интелектуални дервиши и историски далтонисти. Домашни и странски. Повторно ли ќе капитулираме пред инвазијата на кетманите: националните кетмани, кетманите на револуционерната чистотија, кетманите на професионалната работа, кетманите на метафизиката и етичките кетман?. Не ли ни беа доволни 45 години страдања од нив? Тие најпрвин ќе ни приредат само балкански магми и магли, а потоа ќе нѐ втурнат во фатални хомоциди, етноциди и геноциди. А тие гнили процеси веќе се започнати. Та, само тоа и го знаат и можат ментално шугавите и морално алипните историчари, кои само што не пристигнале од Бугарија.
Пак ли ќе преживуваме стравови и ужаси? Несмисливи, незамисливи, шокантни.
Повторно ли во нас ќе се населат историскиот чемер и јад? Ќе ги преживуваме ли одново и одново, а сосема непотребно, болните и трагични историски трауми на нашето национално битие? Ќе сфатиме ли еднаш дека сите наши ужаси, цинизми и интелектуални лицемерства, беспотребно самите си ги создаваме? Ќе се опаметиме ли, еднаш засекогаш, да не дозволуваме соседите да ни предизвикуваат и наметнуваат национализми, шовинизми, шизофрени заговори и расколи и масовни кланици, кои сите заедно нѐ втурнуваaт во dance macabre? А тоа е еден чекор до нашето соочување со смислата и бесмислата на нашиот земен опстој. И доста туѓи сурати да ги размрсуваат сѐ уште неразмрсените македонски јазли. Да не заборавиме дека историјата нѐ обедини во Република Македонија. И сега, по сѐ, по сите наши маки и болки, ќе дозволиме туѓинци со зла намера до нашата историја да направат пивтиеста смеса, која секој што ќе посака ќе ја меси според своите потреби и интереси? Па, тоа ќе биде исполитизирана историја до максимум, која ќе заприлега на стар, истрошен и искршен автобус што јури и кружи низ Македонија во балканската темна ноќ како некое сениште и во него, на некои постојки, едни се качуваат, други се симнуваат, едни се уфрлуваат насила, други се исфрлаат зорле.
Е па, не бива!
Нам ни е потребна историја што ќе нѐ помирува и обединува. А таа е можна и нужна. Нормална историја ни треба. Нормална. Неисполитизирана и неидеологизирана. Во никој случај наметната. Ни треба објективна и веродостојна историја, која ги одразува и изразува реалноста и вистинитоста на тоа што се случило во минатото, како се случило, кога се случило, кој сѐ учествувал во тие настани, каква била улогата на учесниците и сл. Не ни требаат бели страници на историјата, а табу-темите треба еднаш засекогаш да ги доразјасниме.
Историја во која сѐ што се случувало ќе биде пред нас на показ и увид. А тоа е историја на македонскиот дух и сите негови творби, на неговите подвизи и падови и на неговите беспатици, кои никаква политика, домашна и странска, не ќе може да ги избрише. Тешко на онаа историја што ќе ја пишуваат и арбитрираат субјекти што црпат моќ од наметнати и уценувачки договори. Таа ќе дојде во судир со времето, кое е единствен судија – судија што нема да ја верификува. Едноставно, само ќе ја поништи, како воопшто да не постоела – бидејќи никогаш и не постоела.
Сотир Костов
крај