Една од причините зошто се реобликува светскиот поредок

САД (пред Трамп) го „добија“ она што во апсолутна смисла значи највисок трговски дефицит во историјата на светот. Овој претходен пристап им наштети на американските работници, средната класа, нивните семејства и заедници со поткопување на производствениот сектор (кој создава работни места со високи плати, поттикнува иновации и катализира инвестиции низ целата економија). Тоа доведе до обемни и документирани загуби на индустрискиот капацитет и вработеноста во САД…

На 200-от ден од мандатот на втората администрација на американскиот претседател Доналд Трамп, специјалниот трговски претставник на Соединетите Американски Држави, Џејмисон Грир, во авторски текст во „Њујорк тајмс“ објасни како и зошто трговската политика на претседателот Трамп го преобликува меѓународниот економски поредок. Сувернистичкиот приод на претседателот на САД (МАГА) се препознава на прв поглед, што има цел да го одбрани домашниот производствен сектор, да обезбеди трајни придобивки за американските работници, за реалната економија и домашните индустрии и да го намали американскиот трговски дефицит. Наедно, се препознава и целосно спротивниот приод на Трамп, наспроти либералниот модел на американските демократи и глобалисти. Но сликата што ја дава Џејмисон Грир во авторскиот текст во „Њујорк тајмс“ дава јасни контури на сегашните политики на Вашингтон, преку кои читателите на „Нова Македонија“, домашната јавност и експертите ќе добијат и претстава за проекциите што (треба да) ги прават за домашната македонска национална економија, трговија, надворешна политика, безбедност итн., со цел да се фати приклучок кон новата номенклатура на меѓународните односи, чие реобликување е веќе во тек. Целиот текст на колумната е подолу.

Мора да било непишано правило меѓународните економски поредоци да се креираат/менуваат во величествени хотели.
На пример, во 1944 година, додека беснееше Втората светска војна, претставниците на сојузниците се собраа во живописното одморалиште во Њу Хемпшир, Бретон Вудс, за да разговараат за тоа како да се воспостави повоен економски поредок за да се врати разумниот тек на трговијата во еден расцепкан свет. Иако системот на Бретон Вудс што произлезе од него заврши во 1976 година, неговото наследство продолжува да живее…
Нашиот сегашен безимен глобален поредок, кој е доминиран од Светската трговска организација и беше номинално дизајниран да се стреми кон економска ефикасност и да ги регулира трговските политики на своите 166 земји членки, веќе е неодржлив.
САД го платија системот со губење работни места во индустријата и губење на економската безбедност (другите земји не беа во можност да ги спроведат потребните реформи, а најголем победник беше Кина, со своите државни претпријатија и петгодишни планови), а не е изненадувачки што изминатата деценија САД доживеаја значителна „меѓународна и двопартиска американска фрустрација“ поради неуспехот на системот да се приспособи за да ги задоволи суштинските интереси на суверените нации. Сега, реформите се на дофат.

Со користење мешавина од тарифи и договори за пристап до странски пазари и инвестиции, САД ги поставија темелите за нов глобален трговски поредок

Неодамна во одморалиштето Тарнбери на шкотскиот брег, претседателот Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, склучија историски договор – договор што е фер, избалансиран и ориентиран кон служење на конкретни национални интереси, а не на нејасни аспирации на мултилатералните институции. Всушност, со користење мешавина од тарифи и договори за пристап до странски пазари и инвестиции, САД ги поставија темелите за нов глобален трговски поредок.
Претходниот систем ги отфрлаше тарифите како легитимна алатка на јавната политика, што значи дека САД ја жртвуваа царинската заштита за критичното производство и други сектори. Во текот на изминатите три децении, САД ги намалија бариерите на внатрешниот пазар за да дозволат огромен прилив на странски стоки, услуги, работна сила и капитал. А во исто време други земји ги држеа своите пазари затворени за американските стоки и воведоа низа политики – како што се субвенции, потиснување на платите, лабави стандарди за труд и животна средина, регулаторни нарушувања и манипулација со валути – за вештачки да го зголемат извозот во САД. Овој пристап ги направи САД и неколку други економии крајни потрошувачи за земјите што спроведуваат економски политики „просјак-сосед“.
Трговските „партнери“ на САД, беа вешти во оваа игра, а елитите на Волстрит и во Вашингтон беа премногу среќни да профитираат од глобалната арбитража со преместување на производството во странство. Нето-резултатот? Најголемиот дел од глобалното производство се префрли на Далечниот Исток или Мексико, каде што компаниите/корпорациите можеа да ги експлоатираат ранливите работници или да имаат корист од експанзивна државна поддршка. А САД го „добија“ она што во апсолутна смисла е највисок трговски дефицит во историјата на светот. Овој пристап им наштети на американските работници, средната класа, нивните семејства и заедници со поткопување на производствениот сектор (кој создава работни места со високи плати, поттикнува иновации и катализира инвестиции низ целата економија). Тоа доведе до обемни и документирани загуби на индустрискиот капацитет и вработеноста во САД, како и до потпирање на нашите противници за критични синџири на снабдување.

Доналд Трамп ја покажува потпишаната извршна наредба за воведување нови царини / Фото: ЕПА

Експеримент за глобална хиперинтеграција

Она што започна во Бретон Вудс како неопходен напор за обнова на глобалниот трговски систем разурнат од војна, еволуираше, во текот на девет рунди трговски преговори, во нешто непрепознатливо. Измерените насоки за трговија развиени во рундите на Кенеди и Токио, му отстапија место на нашиот неодамнешен експеримент за глобална хиперинтеграција, отелотворен во Уругвајската рунда, која заврши во 1994 година и ја основа СТО.
Но, сега сме сведоци на рундата на Трамп. На 2 април претседателот Трамп објави царини за решавање на националната вонредна состојба предизвикана од трговскиот дефицит. Интензивните билатерални преговори што следуваа се одржаа на различни локации низ целиот свет: Вашингтон, Женева, островот Чеџу, Париз, Лондон, Стокхолм и, се разбира, Тарнбери. Нашите трговски партнери никогаш порано не покажаа таков интерес за отворање на своите пазари кон САД, усогласување по прашањата за економска и национална безбедност и ребалансирање на трговијата во поодржлива насока. За само неколку кратки месеци, САД обезбедија поголем пристап до странски пазари отколку што имаа во годините на неплодни преговори со СТО. Закрепнувањето од децениските штетни политики што ги ослабнаа нашите производствени капацитети и работна сила ќе бара време и координирани напори во јавниот и приватниот сектор. А одржувањето на статус квото само би ја забрзало опасната траекторија на деиндустријализацијата. Потребен ни е генерациски проект за реиндустријализација на Америка, а времето е кратко.

Автор: Џејмисон Грир, специјален трговски претставник на САД

(продолжува)