Балканската музичка сцена денеска остана без едно големо име, не напушти Габи Новак (8 јули 1936. Берлин – 11 август 2025.Загреб), позната хрватска пејачка, која остави длабоки траги во музиката со своите песни. Повеќето станаа евергрини, на кои, со својата специфична боја на глас и начин на интерпретација таа им даваше нешто посебно.

„Си замина една од најнежните и најпосебните интерпретаторки на нашето време, чиј глас со десетлетија ги испишуваше најубавите страници во хрватската забавна музичка историја“, објавено е на официјална страница на „Кроација рекордс“.
Габи Новак, замина на 89 години, а на социјалните мрежи голем број нејзини колеги, пријатели, почитувачи со одбрани зборови се простуваат од дивата, заблагодарувајќи и се за непроценливата вредност што ја остави во хрватска и во регионалната музичка сцена. Многумина, освен големата дарба и долгогодишна успешна кариера, ја истакнуваат и нејзината големина како човек, како пријател и соработник.
Повеќепати настапувала и во Скопје и низ Македонија, често и со сопругот, легендарниот Арсен Дедиќ, па и овдешните нејзини колеги и почитувачи се простуваат од Габи. И нивниот син Матија Дедиќ беше музичар, врвен пијанист, а почина пред два месеци на 53. години.
Си замина само два месеца од смртта на синот Матија, од кого ја има и внуката Луна. Овој голем удар што и го нанесе животот не го преброди.
Родена е на 8 јули 1936 година во Берлин, бидејќи мајка и Елизабет Рејман била Германка, а татко и Ѓуро Новак бил од островот Хвар. Детството го минала во Берлин, а често го посетувала и Хвар каде семејството се доселило за време на Втората светска војна. Рано останала без татако, по што со мајка и се сели во Загреб, каде завршува графичка насока во училиште за применета уметност. Се вработува во „Вјесник“, па во „Загреб филм“ каде рабвоти како цртач и сценарист, а почнала и да им го позајмува гласот на анимираните ликови.
Прв нејзиниот талент го забележува диригентот Бојан Адамич и ја поканил да гостува на концертот на неговиот „Биг бенд“ во Љубљана. Станала популарна во 1958 година по настапот со песната „Сретан пут“ во филмот „Х-8“, а набргу на „Загребфест“ ја отпеала песната „Љубав или шала“. Габи Новак остана запаметена и како единствена пејачка од некогашна Југославија која пеела во дует со големиот Луис Армстронг на Бледскиот џез фестивал, кон крајот на 1960-те.
Низ богатата и долга кариера таа внимателно ги избираше песните и соработките, а нејзините интерпретации станаа синоним за емотивна длабочина.
Се омажи за Арсен Дедиќ во 1970. година и живеат во еден од најскладните бракови во тогашна Југославија. Тој за неа напиша многу песни, а една од најпознатите е „Памтим само сретне дане“, која и денес се слуша. Арсен е автор на текстот и на аранжманот, а музиката е на Кемал Монтено. Нејзина последна снимка беше дуетот „Почеток“ со Даниела Мартиновиќ, снимен минатата година, за која е релизиран и видеозапис.
Во издание на „Кроација рекордс“ во 2021 година е објавена „Книга за Габи- Саундтрак на нашите животи“ , чиј автор е Синиша Шкарица.
Габи е добитничка на многу награди и признанија, меѓу кои е и „Порин“ за посебен придонес во хрватска забавна музика, што и беше доделена во 2006. година. М.Т.