Фото: „Нова Македонија“

Во годините што доаѓаат проблемот со водоснабдувањето на градовите ќе станува сѐ поголем, па од тие причини, нужно е уште веднаш да се подготват стратегии како градовите да го задржат нормалното снабдување со вода, оти без овој важен животен ресурс, тие се осудени на пропаѓање

Ниту нафтата, ниту гасот, ниту литиумот ќе бидат важни ако исчезне главниот ресурс на планетата (3)

„Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе пишува за нужната потреба од зачувување на водата како стратешки ресурс и нејзино рационално управување, со предлози за долгорочна стратегија и мерки што би го осигуриле водоснабдувањето во земјава, од што зависат и земјоделството, енергетиката, индустријата, туризмот, како и секојдневните потреби на населението, во услови кога светот се соочува со недостиг од главниот природен ресурс поради несоодветно трошење и во услови на сѐ поголеми климатски закани

Недостигот од пивка вода во градовите се претвора во глобален феномен, а изминатите десетина години расте листата на градови низ Европа и светот што за релативно кус временски период би можеле да се соочат со сериозни проблеми во снабдувањето со вода. Повеќедецениските сушни периоди, драстичниот пораст на населението во градовите, нерационалното користење на водата и загубите придонесоа некои милионски градови да бидат без вода по неколку месеци или, доколку ја имаат, таа да биде со лош квалитет и слаб притисок.
Со слична судбина се соочуваат и македонските градови, а жителите на некои повисоки зони во главниот град Скопје, во јули речиси цел месец беа без вода или ја добиваа по неколку часа во денот. Сето тоа говори дека во годините што доаѓаат проблемот со водоснабдувањето на градовите ќе станува сѐ поголем, па од тие причини, нужно е уште веднаш да се подготват стратегии како градовите да го задржат нормалното снабдување со вода, оти без овој важен животен ресурс, тие се осудени на пропаѓање.

Милионски метрополи остануваат без пивка вода

Мексико Сити, метропола со речиси 22 милиони жители и еден од најголемите градови во светот, се соочува со сериозна криза со водата бидејќи сплет проблеми – географија, хаотичен урбан развој и протекување на инфраструктурата – се влошуваат од ефектите од климатските промени, пишува Си-ен-ен. Годините на ненормално ниски врнежи од дожд, подолгите сушни периоди и високите температури дополнително го оптоварија водоводниот систем, кој веќе беше под притисок од зголемената побарувачка. Властите беа принудени да воведат значителни ограничувања за водата од резервоарите.
– Неколку населби страдаат од недостиг од вода со недели, а нема да има дожд уште четири месеци – рече Кристијан Домингез Сармиенто, атмосферски научник на Националниот автономен универзитет во Мексико (УНАМ).
Според експертите, иранскиот главен град Техеран би можело да биде само на неколку недели од таканаречениот нулти ден, кога ќе остане без вода. Тоа е ден кога чешмите ќе останат суви во поголемиот дел од градот, додека земјата со помалку од 92 милиони жители се соочува со сериозна криза и недостиг од вода, објави „Си-ен-ен“.
Клучните резервоари се сушат бидејќи властите брзаат да ја намалат потрошувачката на вода, а граѓаните очајно сакаат да заштедат вода за да избегнат катастрофа.
– Ако не донесеме итни одлуки денес, во иднина ќе се соочиме со ситуација што нема да биде можно да се реши – рече иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на состанокот на кабинетот.
Кејптаун пред некоја година можеше да ја понесе титулата прв голем град во светот на кој ќе му снема вода за пиење. Според градските власти, достапните резерви на вода постојано опаѓаат, а на тоа влијае огромната потрошувачка од страна на жителите на овој град. Поради оваа причина, за време на кризата потрошувачката на вода е ограничена на 87 литри по лице дневно, беше препорачано граѓаните да го ограничат туширањето на две минути, да ја ограничат употребата на машини за перење, да ја рециклираат водата од бањите и да не користат вода за наводнување на своите градини. Кризата беше резултат на тригодишна суша и ниски врнежи од дожд, во комбинација со зголемување на населението и зголемена потрошувачка на вода. Иако во моментот ситуацијата е нешто подобра, заканата и натаму останува.
Според неодамнешниот извештај на невладината организација „Мерси Корпс“, Кабул, главниот град на Авганистан, би можел да стане првиот главен град во светот што ќе пресуши. Таквото сценарио, предупредуваат тие, би можело да предизвика целосен економски колапс. Експертите велат дека неконтролираниот раст на населението, климатската криза и децениите прекумерно пумпање ги исцрпија резервите на подземни води до критична точка. Речиси половина од бунарите во градот веќе пресушиле.
Ништо подобра не е состојбата ни со градовите во Европа. Повеќе од 570 европски градови би можеле да се соочат со недостиг од пивка вода за помалку од 30 години најмногу поради сушите и глобалното затоплување. Грција е 19-та во светот по ризик од недостиг од вода, а нивото на водата во браните е на историски најниско ниво. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис неодамна презентираше план за решавање на сè поизразениот проблем со недостигот од вода во земјата. Националниот план се осврнува на итната потреба од реформи за подготовка на Грција за главните предизвици во следните 30 години.

И Скопје ја почувствува кризата со недостиг од вода

Летово и главниот македонски град Скопје или попрецизно жителите на високите градски зони се соочија со недостиг од вода и рестрикции што траеја речиси цел месец. Водата на чешмите ја немаше по цел ден, за да биде пуштена по неколку часа во текот на вечерта. Надлежните апелираа до граѓаните рационално да ја користат водата, да не полеваат дворови и бавчи, да не полнат базени, а секојдневните потреби да ги задоволуваат со разумна потрошувачка. Во одредени денови, особено во периодот на топлотниот бран, беше регистрирана енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на водата, која на дневно ниво достигаше и до 360.000 кубни метри, што е целосно неразумна и расипничка потрошувачка на најклучниот ресурс важен за животот на луѓето.
Она на што дополнително предупредуваа експертите е дека поради огромната потрошувачка би можело да се нарушат и тековите на водите од Рашче, најголемиот извор што го снабдува главниот град со пивка вода. Ако дојде до такво сценарио, тогаш Скопје ќе биде несоодветен за живеење, без пивка вода, туку со техничка, која исто така е прашање дали ќе може да ги задоволи потребите на градот, кој продолжува неконтролирано да се шири и да се пренаселува.
– Неполн месец бевме без вода, со повремено вклучување на водата по неколку часа и со таков режим на водоснабдување едноставно не може да се функционира. Не можеш да се измиеш раце, да зготвиш нешто, да одиш пристојно во тоалет, не може да се вклучи машина за перење поради слабиот притисок, а и кога ќе пуштат малку вода дали попрво да ги наполниш кофите за резерва, да се тушираш, да готвиш… Едноставно тешко се живее, како да сме се вратиле во 19 век. Ако од година на година ова со водава се влошува, тогаш дефинитивно Скопје нема да биде добро место за живеење во иднина. Лете без вода, зиме со енормно загадување, тешко ќе се издржува и порано или подоцна луѓето ќе почнат да го напуштаат во потрага по подобри услови – вели Кристијан Јанков од Скопје.
Прстот за ваквите состојби мора да се впери најмногу во надлежното јавно претпријатие што стопанисува со водата бидејќи, како што покажаа анализите, огромен дел од водата се губи преку дивите приклучоци, а уште повеќе вода истекува низ дефектниот систем и не стига до крајните корисници. Ова е крајно неодговорен однос на надлежните, кои во време кога цел свет прави стратегии како да обезбеди пивка вода за следните децении, кај нас се дозволува овој драгоцен воден ресурс непотребно да се губи истекувајќи низ неисправните цевки наместо да се води сметка за зачувување на секоја капка.
Несомнено дел од вината лежи и кај неодговорните граѓани, кои токму во периодот на екстремно високи температури пивката вода од чешмите ја користат за разладување во дворовите, па дури и ги полеваат улиците пред нивните домови во вечерните часови за да го изладат асфалтот. Со слични проблеми се соочува и Тетово, каде што тетовци подолг период се без вода поради дотраениот систем, кој постојано е во дефект. И таму сериозен проблем се дивите приклучоци, полевањето на нивите, како и несоодветното управување со водоводниот систем.
Велес, Куманово, Свети Николе, Струмица, исто така би можеле во иднина да се соочат со лошо водоснабдување, имајќи го предвид фактот дека водата ја црпат од акумулации што во периоди на зголемени суши се на работ на минимумот. Дополнително, често квалитетот на водата не е на потребното ниво и мора хемиски да се интервенира, што од друга страна на долг рок влијае и врз здравјето на граѓаните. Тоа во иднина може да биде закана и за преостанатите македонски градови, па од тие причини, потребна е итна државна стратегија за тоа како ќе изгледа снабдувањето на градовите со вода во следните најмалку 50 години, со тенденција овој временски рок да биде многу подолг.
Токму за тоа што треба да направи државата за да обезбеди пивка вода за градовите на долг рок, но и за да обезбеди вода за земјоделството, индустријата и другите области, ќе се осврнеме во следното продолжение.

Сашо Таневски

продолжува