Се подготвуваат…

Некако со чудесна леснотија анестезираниот свет зборува за војна. Атмосферата се вжештува до состојба на вулканска ерупција и со медиумско подгревање. Не е за верување, ама светот како да посакува воен конфликт. Закани и налудничаво подигање на влогот во игрите на смртта преку енормно зголемување на воените буџети, кои досегаат фантастични височини. Логиката, искуството и разумот како да немаат никакво влијание врз јавното мнение. Малку ли беше една светска војна, па потоа набрзо и втора. Чести воени конфликти со низок интензитет, колку и да посакаш. Што направи човекот од животот, животните радости и очекувањата? Зарем преку катастрофални методи до некаков спокој, кој и не трае долго? Барем така вели статистиката. Што ѝ се случува на оваа цивилизација?
Цивилизацијата како да почна да ни личи на зашеметен боксер, кому постојано му се мати пред очите од ударите на противникот. А таму е мозокот, орган што ги носи во себе сите атрибути на генетичката структура со која човекот се разликува од другите видови на планетата. Е, сега, единка што размислува, постојано се прашува дали живее во состојба на прием на свесност што го опкружува односно со секвели (последици) од научнофантастични филмови на холивудските мајстори на стравот и ужасот. Трауматично е да се следат настаните што се познати како „Breaking news“, сензационални вести што со удар на цунами треба да го зграпчат вниманието на јавноста и притоа да внесат немир меѓу консументите. Простете, но преку тие пораки се менуваат нашето секојдневие и нашата психа. Зошто човекот милува постојано и некако мазохистички (морална деградација) да игра на картите на трагедијата на оние исти по род? На одговор треба можеби и да се причека. Анализите и времето веќе го покажале, ама и допрва ќе си го кажат своето во врска со оваа теза.
Значи, од членките на НАТО се бара да издвојуваат цели пет отсто од БДП за нивна безбедност. Што би се рекло, сите тие на брза рака изгласаа најголем буџет за воени цели во историјата на човештвото. Не дај боже да нѐ нападнеа Марсовци или алиени од паралелни светови. Којзнае тогаш колку ќе се плаќаше за одбрана и безбедност. Настрана од сето тоа, европските држави со меѓусебни договори за одбрана од, како што тие велат, „руската наезда“, се подготвуваат за можен воен судир. Ете така, без многу анализи, длабинска сондажа и ниво на последици како возвратна опција. Дури и постојат предвидувања на видни личности од светот на политиката и војската, кои спомнуваат можни термини за почеток на нова голема војна.

Се прашувам дали Холивуд се пресели во нашето секојдневие и во воените структури или нашиот живот се претвори во холивудско студио. Не знам дали луѓето знаат колку е смешно кога петел ќе се најде на туѓо буниште и кога топорејќи се пред кокошките, кои сосема рамнодушно ги следат неговите празни закани, се соочува со агресија од невидени размери од страна на домашните „ергени“. Да, првин ќе го нападнат младите петли, а потоа ќе се здаде и „дон Пејко“, шефот на буништето. Доколку утредента истиот тој петел биде донесен на раце на истото буниште, пердувите веднаш ќе му се накострешат, безнадежно ќе ја врти шијата и ќе се вознемири до лудило. Попусто ќе се обиде да се ослободи од прегратката на стопанот за да му ја летне што подалеку оттука. Овој сосила го тера да биде јуначен, не познавајќи ја моќта на територијата и повратниот удар на домаќинот.
Поголемиот дел од светот што посакува само мир, сигурно се прашува од каде толкава желба за војување, за доминација, за економски просперитет и сето тоа за сметка на човечки трагедии од големи размери. Имаме очи, тие се езера од нашите чувства и во нив има солзи, но и крвнички сјај на ѕвер што нема милост. Сето тоа зависи од свесноста односно влијанието на разумот.
Кога ќе се рече дека политиката инсистира на сериозност и одговорност кон електоратот и севкупното граѓанство, посебно одговорност кон демократијата како универзална општествена вредност, тоа значи дека секој изговорен збор треба да се мери неколкупати. Но живееме во некои времиња што сѐ повеќе личат на разговор преку пародии или на циркуска точка за засмејување.
Ова наше секојдневие е полно со агресија, разулавено стампедо и парадокс на вистински вредности. Човекот како единствено мисловно суштество падна токму на испитот на човечноста. Луѓето се лутат кога ќе им се посочи на некогашниот критериум на вредности на политичарите, од кои, наводно, се бараа морални вредности и кариера за почит. Можеби имаат право. Со нивните погубни одлуки се случија две светски војни со трагедии што требаа да подучат и вразумат. Но суштината е во негирањето на емпиријата односно на искуствата од кои крвавеше целиот свет. Светот повторно се подели на табори. Германците инсистираат на употреба на „тауруси“. Тие дури и именуваат град во Русија како можна цел.

Нивните ракети со боеви глави крстени како „мефисто“, а тоа е име на демонот што прв му се придружил на Луцифер во бунтот против Господ, лесно може да го предизвикаат „Сотоната“. Атрактивно за филмско сценарио, нели? Или како нешто што нам не може да ни се случи. Дел од австрискиот естаблишмент размислува за влез во НАТО. Финска веќе се чувствува како браник на западната алијанса. Америка испраќа две нуклеарни подморници во „посебни зони“ во близината на рускиот брег, додека Русија за возврат стационира нови ракетни системи во Белорусија, а голем број нејзини подморници се вртат околу бреговите на САД. Моја банда, твоја банда. Така се викаше играта што ние како деца ја игравме во маалото. Тешко си му на тој што немаше да се изјасни каде припаѓа.
Најголемиот боксерски шампион на сите времиња во тешка категорија Мохамед Али ја одби наредбата на воените структури да војува во Виетнам. Неговата изјава пред воениот суд ги повлече на своја страна младите американски регрути. „Кој сум јас да патувам 16.000 километри за да убивам жолти момци што никогаш не ме именуваа како црномурен“?
Никој од нас не знае што е војна доколку нема деца на фронтот или самиот не е учесник во конфликтот. Херодот, таткото на историјата, зборува за тоа дека во мир, синовите ги погребуваат татковците, а во војна е обратно. Зарем ова не е доволно некој што одлучува да си го стави прстот на чело и да размисли за тежината на изговореното и донесената одлука? Убаво е кога државите се подготвуваат, но само ако планираат убава иднина за сите, а не само за одбрани структури од општеството. Победа и победник нека биде тој што ќе се победи самиот себе и сопственото застрането „его“.
Велат дека рамнодушноста убива, а дека полоша од војна е само неизвесноста. Време е да се мисли на убави нешта бидејќи во мракот на бесконечноста на вселената, постои една чудесна планета со која сме наградени како единствени мисловни суштества. Треба да се подготвиме… да ја зачуваме. Деновиве, 80 години од атомските удари врз Хирошима и Нагасаки. Постарите сигурно го помнат францускиот филм од 1959 година „Хирошимо, љубов моја“…

Љубомир Јованоски

Авторот е писател