Не e политикантство доколку станува збор за јавен или национален интерес

Во таа смисла треба да го разбереме и последното добронамерно огласување на Венко Андоновски, како свест за одговорноста на граѓаните во една заедница, но и потврда дека значајни личности од општествениот живот можат да го разбудат интересот за одредени прашања и да го мобилизираат општеството за одредени државни или национални интереси. Овој пат тоа е од областа на културата, но нештата не треба да ги ограничуваме. Имено, мобилизацијата на творечките и работните капацитети на целата нација треба да се прошири и во другите области од општествениот живот. Притоа мораме да имаме на ум, како што имаа на ум и старите мудреци, дека токму релевантните личности од јавниот живот го будат интересот и поттикнуваат дискусија за прашања од суштински карактер, затоа што тие имаат непогрешлив осет за тоа. Токму едни такви почести осврти на нашите интелектуалци кон значајни прашања со критички забелешки мобилизираат сили за решавање на предизвиците. Тука не станува збор за политикантство, партизација, туку за национален и јавен интерес, со што е важно да не се дојде до меѓупартиски расправии, туку до обединување за преземање мерки за решавање на прашањата од национален интерес

Старите мудреци уште пред илјадници години осознале дека релевантните личности од општествениот живот можат да го разбудат интересот за важни прашања, како и дека на заедницата или државата ѝ е потребен поттик за да навлезе во една состојба што ќе се карактеризира со смиреност, јасност, свест, внимание, спокојство, ослободување од себичните наративи, внатрешен мир итн. При ваква положба, заедницата или државата многу лесно може да се справува со суштествените прашања, но и, последно, се стигнува и до една општа благосостојба и просперитет. Свесни за ова, старите филозофи нѐ учеа за значењето на граѓанското ангажирање, но не штедеа зборови и за одговорностите на граѓаните во една заедница или држава. Не случајно Сократ верувал дека активното учество во општествениот живот е од суштинско значење за доблесен живот, а римскиот државник и филозоф Кикерон го претставуваше граѓанскиот ангажман како морална должност, вкоренета во споделените вредности и јавната служба. На Далечниот Исток, кинескиот мислител Конфуциј ги нагласуваше социјалната хармонија и должноста кон заедницата, како и тоа дека личната одговорност е основа на граѓанскиот живот.
Во таа смила треба да го разбереме и последното добронамерно огласување на писателот Венко Андоновски за меморијалната поставка на Петре М. Андреевски, како свест за одговорноста на граѓаните во една заедница, но и потврда дека значајни личности од општествениот живот можат да го разбудат интересот за одредени прашања и да го мобилизираат општеството за одредени државни или националните интереси, што потоа и се случи со реакција на надлежните. Но нештата не треба да ги ограничуваме само во оваа област, туку, напротив, мобилизацијата на мисловните и творечките сили треба да се прошири и во другите области од националниот живот. Притоа мора да имаме на ум, како што имаа на ум и старите мудреци, дека токму релевантните личности од јавниот живот го будат интересот и поттикнуваат дискусија за прашања од суштински карактер, затоа што тие имаат непогрешлив осет за тоа. Токму едни такви почести осврти на нашите интелектуалци кон значајни прашања со критички забелешки мобилизираат сили за решавање на предизвиците. Тука не станува збор за политикантство, партизација, туку за национален и јавен интерес, при што е важно да не се дојде до меѓупартиски расправии, туку до обединување за преземање мерки за решавање на прашањата од национален интерес.

Но за да се случи тоа, нештата мора да ги осознаваме онака како што ги осознаваа старите мудреци. Како ги спознаваа тие? Сократ верувал дека политиката треба да се темели на морална доблест, а на граѓанинот гледал како на некој што мора да го доведува во прашање авторитетот и да ја бара вистината. Од друга страна, Аристотел тврдел дека целта на државата е да промовира добар живот за нејзините граѓани, односно благосостојба. Меѓутоа наративот не завршува тука! Не смееме да забораваме дека доколку сакаат државата да промовира добар живот и благосостојба, граѓаните мора да се сплотат и обединат, но и да преземат конкретни дејства. Само на тој начин заедницата или државата ќе навлезе во состојба на смиреност, јасност, спокојство и сѐ така до бесконечност. Тука е формулата за подобар живот на граѓаните, без разлика на етничката или политичката припадност!
На крајот ќе завршиме со римскиот државник Кикерон, кој тврдеше дека поширокото граѓанство ќе го имитира однесувањето на доблесните лидери, како и дека доколку на елитата ѝ недостига интегритет, тогаш самата држава ќе страда од дефицит од граѓанска доблест. За Кикерон, доблеста не била само теоретска, таа морала да се изрази преку политичко дејствување. Тој исто така верувал дека служењето на државата е највисоката форма на морална должност, како и дека граѓанската доблест значи и ставање на општото добро над личните интереси. За Кикерон, граѓанската доблест беше супстанција што ја сплотува државата и предупредуваше дека без неа, демократијата ќе се распадне во тиранија или хаос.