И годинава фестивалот ги надмина нашите очекувања по сите параметри, што е доказ дека растеме, вели Коста Хиохи, претседател на СРК Соларис Струга
ВО СТРУГА СЕ ОДРЖА ЧЕТВРТИОТ СПОРТСКИ ФЕСТИВАЛ „ИЛИНДЕН 2025“
Во празнична атмосфера и пред повеќе од 3.000 посетители, во водите на Црн Дрим во Струга четврти пат се одржа спортскиот фестивал „Илинден 2025“. Настанот, кој станува традиција, и годинава ги собра љубителите на спортот, рекреацијата и на забавата, обединувајќи ги во уникатно доживување на струшкиот кеј.
– Околу 150 учесници се натпреваруваа во различни водни дисциплини, како ватерполо, каде што првпат учествуваше и екипа од странство, потоа пливање, СУП, кајак и традиционалниот скок во вода „такла“, кој секоја година привлекува сѐ поголем интерес. Натпреварите поминаа во фер и спортски дух, а публиката со громогласна поддршка придонесе за атмосферата да биде вистински спортски спектакл. И годинава фестивалот ги надмина нашите очекувања по сите параметри, што е доказ дека растеме. Најважно од сѐ за нас како организатори е што сѐ помина во најдобар ред, без повреди и инциденти. Но, најверодостоен показател на успешноста на фестивалот се, секако, лицата и насмевките на сите оние што во саботата беа присутни на кејот на Дрим. Од срце им се заблагодарувам на сите што беа дел од големото илинденско славје – ни изјави Коста Хиохи, претседател на спортско-рекреативниот клуб Соларис Струга.
Зад беспрекорната организација стоеше посветениот организациски одбор, помогнат од 30 ентузијастички волонтери, меѓу кои и лица со попреченост, кои се погрижија сѐ да функционира совршено.
– Покрај спортскиот дел, фестивалот понуди и богата програма за сите возрасти. Базарот на ракотворби ги собра делата на дваесетина креативци од целата држава, а културно-уметничката програма со диџеи и музички настапи ја заокружи целодневната забава на кејот. Како дел од свеченоста им беа доделени признанија на истакнати стружани, спортски работници и поддржувачи на спортот, односно луѓе што со години придонесуваат за развојот на спортот и на активниот живот во регионот – додава Хиохи.
Фестивалот „Илинден 2025“ уште еднаш покажа дека спортот е најубавата форма на заедништво и радост, а Струга е градот што знае како да слави, да се натпреварува и да инспирира. Г.И.