„Илинденски денови“ во Битола
Широк сокак и старата чаршија деновиве, по традиционалното дефиле „Со песни и игри низ битолските улици“ на учесниците на фестивалот „Илинденски денови“, нуди шаренило од народни танци, песни и носии од целиот свет. Фолклорните прошетки низ светот напладне и навечер на учесниците од странство станаа битолска и туристичка атракција. Додека гостите од странство танцуваат, музиката во кафулињата застанува и сите погледи се вперени кон шареноликите костими на ансамблите од Мексико, Индонезија, Грузија, Хрватска, Полска, Швајцарија и, се разбира, од Македонија. Тие со своја програма ќе настапуваат на петте вечери на интернационални ора и музика.
Учесниците од Мексико сами побараа уште еднаш да дојдат во Битола, по нивниот прв настап пред неколку години, додека за другите ова е прво незаборавно гостување. Гостопримството, блискоста на публиката и приемот на нивните танци ги пленат фолклористите, кои ја откриваат Македонија и, на некој начин, сигурно ќе бидат нејзини амбасадори кога ќе се вратат дома. И публиката не останува рамнодушна на гостите и нивните претстави, како кога ансамблот од Лублин, Полска, ја испеа на чист македонски јазик „Македонско девојче“ или кога учесниците на Етнокампот на Македонија настапија со „Ако одам во Битола“.
Во Битола беше промовирана и книгата „Етнокореолошки аспекти на фестивалските сцени“ од Љупка Стефановска.
– Книгата е мој обид да го забележам патот од минатото до денес, од земјените сцени до светлечките рефлектори, од народната игра до сценската адаптација и кореографија – истакна авторката на промоцијата.
Љупка Стефановска, долгогодишна активна членка на КУД „Илинден“-Битола, денес професионалец во НУ Центар за култура-Битола, мотивите за пишување на делото ги воочи низ настапите на сцената како изведувач, уметник, а сега и како истражувач и етнокореолог.
– Ова дело е резултат на долг процес, на љубов, но и на прашања, на желба да разбереме зошто сцената има толкаво влијание врз тоа како ја пренесуваме традицијата и што значи тоа за иднината на фолклорот. Се надевам дека оваа книга ќе отвори дијалог, ќе поттикне размислување и ќе ни помогне на сите, и уметници, изведувачи, стручни лица од областа на фолклорот и културни работници, да ја разбереме сцената не само како место туку како културен чин, жив документ на едно колективно паметење – посочи Стефановска и порача секој да продолжи со проучување на македонското богатство, да се остави сведоштво како документ.
Книгата ја промовираа Владимир Јаневски, Валентин Соклевски и Христијан Николовски.
Со промоција на зборник и презентација на стручни трудови, во Битола работи семинарот за традиционална музика и игра. На семинарот, кој се одржува по 17. пат, со свои трудови се застапени универзитетските професори Владимир Јаневски, Родна Величковска, Мирјана Мирчевска, Беким Рамадани, како и магистрите на науки Христијан Николовски, Силвестер Проле, Љупка Стефановска, Тијана Јаневска, Марјан Андоновска и други учесници.
– Семинарот за традиционална музика и игра во Битола претставува еден од најдолго одржуваните стручни семинари во земјава, но и најголемите, а тоа се факти за восхит и почит. Како претходните, така и годинава на семинарот учествуваат видни истакнати стручни лица од етнокореологијата, етномузикологијата и етнологијата. Најголем дел од стручните лица се етнокореолози со голема стручност. Со овој семинар и зборник е направена голема продукција на трудови од етнокореологијата – истакна Владимир Јаневски, координатор на семинарот.
Иницијаторот за организирање на стручниот собир во рамките на фестивалот „Илинденски денови“, Валентин Соклевски, во обраќањето пред учесниците на семинарот нагласи дека во зборникот главен акцент е ставен на народната игра, на народната носија, а дел и на социјалната антропологија.
– На семинарот учесниците ќе ги научат критериумите според кои се реинтерпретираат традиционалните содржини во современ контекст, како што се фестивалските програми, фестивалските турнеи, но и медиумските формати и образовните системи – посочи Соклевски.
Во градот каде што традицијата не е минато, туку јазик што се учи, се пренесува и се препознава, заврши едно од највпечатливите изданија на музичкиот камп „Етно Македонија“, со концерт што ја потврди моќта на фолклорот да живее и да поврзува. Настанот, одржан на платото пред Офицерскиот дом, во рамките на фестивалот „Илинденски денови“, ги обедини гласовите, инструментите и културните кодови на дваесет млади музичари од 11 земји, кои десет дена работеа и твореа заедно во Битола. Под менторство на Ангел Спироски и Андријана Такиќ, тие ги споија традиционалното и современото, локалното и интернационалното, и покажаа дека етномузиката има иднина кога ќе ѝ се даде можност да зборува со светот. Кавалот се сретна со диџеридо. Македонската песна стана дует со глас од Финска. Танцувачите не беа само на сцената – публиката се фати за рака, го продолжи орото, и сите заедно ја создадоа онаа ретка магија кога уметноста станува заедничка енергија.
Официјалниот постер и визуелната естетика на фестивалот годинава се дело на младата уметница Јована Тодороска, дипломирана графичарка од Факултетот за ликовни уметности. Инспирацијата доаѓа од симболиката на сонцето и космичкиот ред – визуелна метафора на фолклорот како универзум што живее преку формите, боите и движењето. Фестивалот завршува денеска.
Тони Гламчевски