Се поставува прашањето зошто сѐ уште не е откриен лек што доведува до излекување од хепатитис Б и покрај неговото откривање во дамнешната 1965 година. Лицата што немаат хепатитис Б не може да бидат инфицирани со вирусот на хепатитис Д, вели во разговор по повод Светскиот ден за борба против хепатитисот (28 јули) Димзова, која од 2018 година е претседателка на Здружението на инфектолози на Македонија, функција на која беше реизбрана годинава
ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА БОРБА ПРОТИВ ХЕПАТИТИСОТ: ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р МАРИЈА ДИМЗОВА, ИНФЕКТОЛОГ, СПЕЦИЈАЛИСТ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ОД ВИРУСНИ ХЕПАТИТИСИ (2)
По повод Светскиот ден на борба против хепатитисот – 28 јули (неофицијално, од стотиците милиони заразени со вирусни хепатитиси низ светот, околу 95 отсто имаат еден од петте вида вирусни хепатитиси, класифицирани како А, Б, Ц, Д и Е), за вирусните хепатитиси разговараме со експертката, проф. д-р Марија Димзова. Таа е раководителка на Одделот за фебрилен инфективен иктерус на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, на која работи како докторка од 2002 година, а од 2007 е специјалист инфектолог. Главно подрачје на работа ѝ е лекување вирусни хепатитиси. Професорка е на Катедрата за инфективни болести на Медицинскиот факултет во Скопје. Од 2018 е претседателка на Здружението на инфектолози, функција на која е реизбрана годинава.
Неофицијално, повеќе од сто милиони луѓе во себе имаат хепатитис Ц (патот на трансмисија е сличен како кај вирусот на хепатитис Б, но значително поизразен преку крв и крвни производи). Кои групи на луѓе се најмногу погодени од заразување со овој вирус?
– Благодарение на напредокот на медицината, вирусната инфекција хепатитис Ц е првата комплетно излечива вирусна инфекција, односно за лекувањето на овој вирус постојат директно дејствувачки антивирусни лекови, кои се земаат перорално и доведуваат до комплетно и одржливо излекување. За поврзаноста на трансмисијата на вирусот на хепатитис Ц преку крвта и крвните продукти зборува и неговото име, односно пред да се открие вирусот бил нарекуван посттрансфузиски Non A Non B хепатитис. По неговото откривање, сите крвни продукти од 1992 година наваму подлежат на задолжително тестирање и за хепатитис Ц, покрај хепатитис Б и ХИВ, така што овој начин на трансмисија во развиените земји е елиминиран.
Вирусот на хепатитис Ц се пренесува по пат на нестерилни игли и инструменти, тетоважи, пирсинг, по сексуален пат, можна е и вертикална трансмисија од мајка на дете, но најчесто се пренесува преку иглите за интравенско користење опојни супстанции. Најголем ризик-фактор за активирање на оваа инфекција имаат лицата што инјектираат незаконски дроги, затворениците, мигрантите од високоендемски земји, лицата коинфицирани со ХИВ, лицата што примале крв/крвни продукти пред 1992 година, лицата на хемодијализа.

Колку тешка форма е хепатитисот Д (инфекција на црниот дроб од која може да се заболи ако се има хепатитис Б), т.н. делта-хепатитис, а кој може да предизвика и смрт?
– Вирусот на хепатитис Д претставува некомплетен вирус. За овој вирус да стане инфективен, потребно е помагачкото дејство на вирусот на хепатитис Б, односно комплетниот инфективен вирус на хепатитис Д се состои од јадро што го содржи генетскиот материјал на делта-вирусот и надворешната обвивка на вирусот на хепатитис Б, преку која настанува поврзување и инфицирање на хепатотцитите. Со еден збор кажано, лицата што немаат хепатитис Б не може да бидат инфицирани со вирусот на хепатитис Д.
Кај лицата што се инфицирани со хепатитис Б може да дојде до истовремена инфекција и со хепатитис Д, односно коинфекција, а кај лицата што имаат хроничен хепатитис Б може да се јави суперинфекција, односно на веќе постојната ХБВ-инфекција да добијат и ХДВ-инфекција, која најчесто завршува во вид на тежок, прогресивен хроничен хепатитис. Секој хепатитис може да предизвика смртен исход, особено ако се јави во вид на фулминантен хепатитис.
Дали е најкомплексно лекувањето на заболените од вирусен хепатитис Б, за кој не е пронајден лек, а терапијата е преку санирање на симптомите – компликациите?
– За разлика од вирусната инфекција хепатитис Ц, која може да се излекува, кај вирусната инфекција хепатитис Б ситуацијата е нешто поинаква. Кај здравите возрасни лица, во 95 отсто од случаите, инфекцијата завршува со спонтано излекување. Кај лицата што имаат хронична ХБВ-инфекција, вирусот не предизвикува оштетување и најчесто нема потреба од специфично, каузално лекување, но пациентите се инфективни. Кај пациентите со хроничен хепатитис Б е потребно антивирусно лекување и целта на терапијата е излекување, односно губење на ХБсАг, со или без појава на протективни антиХБс антитела, а во отсуство на ова функционално излекување, целта на терапијата е постигнување отсуство на виремија, односно стопирање на вирусната репликација. Значи, не зборуваме за санирање на симптомите, или како што велите компликациите, туку зборуваме за спречување прогресија на болеста, односно спречување појава на компликации. Со давање антивирусна терапија кај пациентите со хроничен хепатитис Б се постигнува подобрување на квалитетот на животот, спречување прогресија на болеста и спречување појава на компликации.
Се поставува прашањето зошто сѐ уште не е откриен лек што доведува до излекување и покрај неговото откривање во дамнешната 1965 година. Тоа е поради самата комплексност на вирусот, кој има способност да се интегрира со генетскиот материјал на клетката домаќин во вид на cccDNA. Научниците се трудат да пронајдат лекови што преку механизмите на спречување фузија, навлегување на ХБВ во хепатоцитот, спречување репликација и елиминација на cccDNA ќе доведат до излекување на хроничниот хепатитис Б.
Живко Здравкоски
СЗО: 304 милиони луѓе живеат со хроничен хепатитис Б и Ц
Вкупно 304 милиони луѓе живеат со хроничен хепатитис Б и Ц на глобално ниво, додека 1,3 милион починале од хроничен хепатитис Б и Ц, а само 45 отсто од бебињата ја примиле вакцината против хепатитис Б во рок од 24 часа по раѓањето, според податоците од сајтот на Светската здравствена организација за 2022 година. Ж.З.
(продолжува)