Фото: ЕПА

Според она што би можело да бидат „првите формални санкции на ЕУ против Израел“ од 7 октомври, еврокомесарите завчера поддржаа предлог за исклучување на израелските компании од дел од истражувачката програма на блокот „Хоризонт Европа“, поточно од делот што финансира одбранбени и технологии со двојна намена, вклучувајќи воени стартапи

Повеќе од две години мнозинството земји од ЕУ стоеја на страната на Израел во војната против Хамас во Газа, но…

Повеќе од две години, мнозинството земји од ЕУ стоеја на страната на Израел додека тој водеше војна против Хамас во Газа, дури и кога цивилните жртви се зголемија. Но со ширењето слики од глад и уништување во Газа преку мас-медиумите, владата на Бенјамин Нетанјаху почна брзо да „губи“ пријатели, наведува „Еурактив“.
Според она што би можело да бидат првите формални санкции на ЕУ против Израел, и тоа од 7 октомври оваа година, еврокомесарите завчера поддржаа предлог за исклучување на израелските компании од дел од истражувачката програма на блокот „Хоризонт Европа“, поточно од делот што финансира одбранбени и технологии со двојна намена, вклучувајќи воени стартапи.
Мерката на Брисел има порака дека европските елити „го губат трпението поради продлабочувањето на хуманитарната криза во Газа“. Вчера попладне, амбасадорите во Брисел требаше да разговараат за предлогот, кој сè уште бара одобрување со квалификувано мнозинство, односно од 55 отсто од земјите членки, што претставува две третини од населението на Унијата. Израелското Министерство за надворешни работи вети дека ќе се бори против овој потег, тврдејќи дека тој „служи само за зајакнување на Хамас“.
Пресвртот во Брисел беше брз. Само пред две недели, Европската комисија (ЕК) промовираше нов договор за помош со Израел, а земјите членки не се здружија околу ниту една од опциите за санкции што ги предложи шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас. Но, во понеделникот, комесарката Дубравка Шуица призна дека договорот е само „делумно имплементиран“, обвинувајќи го неуспехот поради небезбедните услови за дистрибуција.
– ЕУ сега очекува дека Израел ќе соработува за да обезбеди испорака на хуманитарна помош – додаде таа.
Германија ќе започне да испраќа помош по воздушен пат во Појасот Газа, за да помогне во подобрувањето на тешката хуманитарна ситуација, објави канцеларот Фридрих Мерц во понеделникот, истовремено одбивајќи да ја исклучи можноста за воведување санкции против Израел. Дури и Германија, најцврстиот сојузник на Израел во Европа, ја зацврстува својата позиција. Неделава, канцеларот Мерц не ја исклучи можноста за суспендирање на трговскиот договор меѓу ЕУ и Израел по состанокот на безбедносниот кабинет фокусиран на Газа. Тој потврди дека Франција, Велика Британија и Германија размислуваат за заедничко патување на министрите за надворешни работи во Израел.
Дипломатската тензија расте и надвор од Европа. Франција и Саудиска Арабија се кодомаќини на конференција на Обединетите нации во Њујорк, со цел да се поттикне политичкиот момент зад „решението за две држави“, на кое Израел цврсто се спротивставува. Десет земји од ЕУ веќе ја признаваат палестинската државност – Шпанија, Република Ирска и Словенија го прават тоа за време на тековната војна. Франција неодамна изјави дека ќе ја признае во септември, упатувајќи остар прекор до Израел, дури и ако има мала практична тежина. Американскиот Стејт департмент ја отфрли конференцијата како „трик што дополнително ќе го охрабри Хамас“. Израел исто така не учествува.
Пред собирот, палестинскиот претседател Махмуд Абас објави дека првите избори од 2006 година ќе се одржат следната година и го повика Хамас да се разоружа, изјавувајќи дека идната палестинска држава ќе биде демилитаризирана.
Во Европскиот парламент, вниманието се префрла на Западниот Брег. Откако израелскиот Кнесет усвои необврзувачка резолуција за поддршка на анексијата, 58 европратеници испратија писмо до раководството на ЕУ во кое бараат „значајни акции“ како одговор.

Во ЕУ веќе бледнеат сликите за злосторствата извршени од страна на терористите на Хамас на 7 октомври 2023 година врз Израелците

Реномираниот медиум „Еурактив“ деновиве истакнува дека полека, но сигурно „стивнува јавното негодување во Европа поради злосторствата извршени од страна на терористите на Хамас на 7 октомври 2023 година врз Израелците“. Среде кампањата во медиумите за „зголемен број жртви во Газа и фотографии од гладни Палестинци, вклучувајќи многу деца“, политичарите низ цела Европа, особено оние во земјите со големо муслиманско население, се најдоа под силен притисок да дејствуваат во согласност со медиумската кампања во Европа.
Така, новиот европски впечаток за состојбите во Газа би можело да има длабоки импликации за долгорочните односи на еврејската држава со Европа, бидејќи дури и политичарите што се сметаат за мејнстрим прифаќаат иницијативи за запирање на сите испораки на оружје за Израел.
Означувајќи ја првата конкретна европска санкција кон Израел од почетокот на војната, Комисијата на ЕУ во понеделникот предложи да се исклучат израелските субјекти од добивање финансии преку „Хоризонт Европа“, водечката програма на ЕУ за истражување и иновации. Овој потег доаѓа во време кога уште еден столб на евро-израелската соработка – Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, се соочува со интензивна контрола.

Промена на политичкиот курс на Европа за Израел?

Најновата промена на перцепцијата во Европа, по прашањето за Израел и Газа, според аналитичарите, е и резултат на „драматичните демографски промени што Европа ги претрпе во последните децении, во услови на забрзување на миграцијата од муслиманскиот свет и нивната имиграција и зголемувањето на бројот на тоа население во европските земји“. На ова прашање се осврнува и медиумот „Еурактив“.
– Во Велика Британија, Лабуристичката партија на премиерот Кир Стармер се соочи со жестока реакција од муслиманските заедници по нејзините почетни произраелски пораки – реакција за која високи партиски функционери признаа дека можеби ја чинела партијата одлучувачки гласови во два наврата, на избори одржани минатата година.
Натаму, францускиот претседател Емануел Макрон премина од тврдење дека палестинската државност треба да се случи дури на крајот од мировниот процес, на ветување дека еднострано ќе ја поддржи и на крајот ќе одреди конкретен датум: следното Генерално собрание на ОН во септември. Франција, исто така, во моментов е кодомаќин на тридневна конференција на ОН за спроведување решение за две држави. Потегот на Макрон следуваше по објавувањето на меѓународната декларација одобрена од околу 20 земји од ЕУ минатата недела, во која се осудуваат страдањата на цивилите во Газа. Основната порака на потписниците: „Војната во Газа мора да заврши сега“.
Земјите што застанаа зад иницијативата не ги вклучуваа само вообичаените поддржувачи Шпанија, Република Ирска, Белгија – познати по нивниот афинитет кон палестинската кауза, туку и верните сојузници на Израел – вклучувајќи ги Холандија, Полска, па дури и конзервативната влада на Австрија. Промената на австрискиот став беше можеби најизненадувачка со оглед на тоа што владејачката централно-десничарска Народна партија го вее израелското знаме од покривот на канцеларијата на канцеларот како знак на солидарност долго пред 7 октомври.

Кризата во Газа е „експлозивно прашање“ и во Германија

Германија продолжува да се воздржува од такви јавни прикази на несогласување со израелската влада. Тоа не значи дека канцеларот Фридрих Мерц не го чувствува притисокот. Низ цела Германија, која има една од најголемите муслимански популации во Европа, кризата во Газа е експлозивно прашање.
Во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата, Мерц ја истакнал својата „голема загриженост за катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа“, според официјалното соопштение. Германија продолжува да го смета признавањето на палестинската државност како последен чекор кон решение за две држави, соопшти владата. По специјалниот состанок на највисоките министри во земјата во понеделникот, германскиот канцелар повеќе не ја исклучуваше можноста Берлин да ги поддржи санкциите против Израел.
Според нето-индексот на поволност на „Југов“, Германија останува најпроизраелската земја во Западна Европа. Сепак, расположението се менува: симпатиите кон Израел паднаа на 44 отсто, што е најниско ниво откако се води евиденција. Повеќе Германци сега пријавуваат дека сочувствуваат со Палестинците отколку со Израелците.
Дури и дипломатскиот кор на Германија покажува знаци на несогласување. Германските медиуми минатата недела објавија дека 130 дипломати во Министерството за надворешни работи формирале внатрешна мрежа барајќи од министерот за надворешни работи Јохан Вадефул да размисли за санкции и да усвои поцврст став кон Израел. Р.С.


Хуманитарната помош стана главна причина за европскиот гнев кон Израел

Главниот адут (за притисок) на Европа против Израел е – трговијата. Имено, ЕУ е најголемиот трговски партнер на Израел, со околу една третина од неговата глобална трговија

Голем дел од сегашниот гнев во Европа кон Ерусалим е предизвикан поради ограничувањата на Израел за давање и пропуштање хуманитарна помош за Газа. Имено, според информациите што се пласираат во медиумите, „Израел во голема мера ги затвори мрежите за дистрибуција на помош на ОН во Газа во последните месеци поради загриженост дека голем дел од храната завршува во рацете на Хамас“.
Бидејќи меѓународната реакција за израелскиот одговор на кризата во Газа достигна врв во последните денови, владата на Нетанјаху се согласи на „хуманитарна пауза“ за да дозволи повеќе камиони со помош да влезат во областа.
Главниот адут (за притисок) на Европа против Израел е – трговијата. Имено, ЕУ е најголемиот трговски партнер на Израел, со околу една третина од неговата глобална трговија. Имено, само Германија, исто така, сочинува една третина од неговиот главен увоз на оружје, според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).
Досега, само пет европски земји суспендираа барем одредени лиценци за извоз на оружје. Меѓу ретките исклучоци е Велика Британија. Владата на Стармер откажа некои лиценци и воведе санкции врз израелските министри. Но трговските податоци покажуваат дека Велика Британија продолжува да извезува илјадници воени предмети во Израел и покрај официјалното суспендирање.
Голем број други европски земји, предводени од Шпанија, се залагаат за санкции против Израел, тврдејќи дека ги прекршил обврските за човекови права утврдени во Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, договор за продлабочување на трговските и политичките врски, потпишан во 2000 година. Израел успеа да избегне трговски санкции во последните недели со тоа што се обврза да дозволи поголема помош во Газа. Но недостигот од значителен напредок ги обнови повиците за воведување казнени мерки. Р.С.