Извршната комисија на Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги дефинира најавените промени во европските купови, кои ќе почнат со сезоната 2020/2021. Во машката Лига на шампионите (ЛШ) наместо досегашните 28 екипи ќе играат 16, поделени во две групи. По групната фаза првите две екипи од секоја од групите се пласираат во четврт-финалето, двете последнопласирани од секоја група ќе бидат елиминирани, а екипите од третото до шестото место ќе играат елиминациска рунда за пласман во четврт-финалето. Победниците ќе играат на фајналфор-турнир, во Келн.

Истиот систем на натпреварување ќе биде воведен и во женската конкуренција. Усвоен е и предлогот натпреварите од ЛШ да се играат во среда и во четврток.
На местото на досегашниот Куп на ЕХФ ќе се игра Европската лига, со 24 екипи поделени во четири групи. Четирите најдобри по групната фаза ќе играат во нокаут-фазата, која ќе заврши со фајналфор-турнир. Во Европската лига за жени ќе играат 16 тима, поделени во четири групи. Досегашниот Челинџ-куп ќе се преименува во Куп на ЕХФ, кој ќе се игра според досегашниот систем, со елиминации и финале што ќе се игра дома и на гости.


Сезоните ќе завршуваат со фајналфор-турнирите на ЛШ

ЕХФ го изгласа и календарот за натпреварување за сезоната 2020/2021, со што им гарантира на врвните ракометари нешто подолг одмор од вообичаено. Челниците на европскиот ракомет ова ќе го направат со поместување на квалификациските средби на репрезентациите, кои наместо во средината на јуни ќе се играат на крајот од април и почетокот на мај. Згора, ЕХФ реши ракометната сезона во цела Европа да заврши со фајналфор-турнирите во ЛШ, и тоа крајот на мај за жени и средината на јуни за мажи, а сите домашни првенства ќе треба да завршат една недела пред овие настани.