Попладнево околу 17:30 часот во атарот во село Латово, Македонски Брод, избувна пожар со кој беше опфатена нискостеблеста шума, сува трева лисја и гранки.
Врз пожарот е интервенирано од страна на локалното население, кои со лопати и други алати направиле појас околу опожарената површина, за да не дојде до проширување на огнот. Покрај локалните жители врз огнената стихија интервенирано е и од страна на вработени на ТППЕ Македонски Брод, како и од припадници на МВР. Во текот на ноќта будно ќе се следи состојбата за да не дојде до проширување на огнената стихија кон домовите на жителите од ова село. Локалните жители потсетуваат дека причина за овој пожар е човечки фактор, како и за многу други пожари кои ова лето избувнаа низ републиката, информираа локални жители.
З.А.