Зоран Љутков на министерски форум во Рим
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков учествуваше на првиот министерски форум „Поврзување на дестинациите: Италија – Балкан туристички форум“ во Рим, Италија. На форумот, на кој учествуваа министри за туризам од Албанија, Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Црна Гора и од Македонија, како и претставници на бизнис-секторот од Италија, се одржаа неколку панел-дискусии посветени на создавање нови заеднички туристички програми, производи и иницијативи за подобро интегрирање на балканскиот и медитеранскиот туристички простор. Во своето обраќање, министерот Љутков пред присутните ја нагласи потребата за регионална интеграција во туризмот, потенцирајќи дека Балканот треба да се гледа како единствена туристичка целина, а не како изолиран пазар.
– Туризмот е многу повеќе од економија, тоа е мост што ги поврзува луѓето, културите и историјата. Балканот има шанса да стане обединета дестинација што ќе нуди уникатно, автентично и мултинационално искуство – истакна Љутков.
Тој предложи Балканот да се вклучи како образовна маршрута во италијанскиот едукативен систем, преку организирање екскурзии за ученици и студенти, кои би се запознале со културното наследство на регионот и би ја продлабочиле врската меѓу Италија и земјите од Југоисточна Европа. Министерот ја промовираше и идејата за создавање нови заеднички програми, продукти, проекти, кои би ги обединиле земјите од регионот и Италија како една дестинација. Во тој контекст, како конкретна иницијатива, тој предложи соработка во рамките на проектот „По стапките на славните Римјани“, кој ќе ги поврзе историските и археолошките локалитети од Македонија, од Балканот и од Италија, а со цел да се привлечат туристи од глобалниот пазар, особено од Азија, Америка и од Блискиот Исток.