Фото: Маја Јаневска Илиева

Јавното обвинителство на Македонија донесе Решение со кое го определи Основното јавно обвинителство Скопје за стварно и месно надлежно обвинителство во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс”.

– Одлуката е донесена имајќи го предвид Решението на Советот за казниви дела при Врховниот суд КР-35/25, со кое за стварно и месно надлежен суд за постапување по предметот го определи Основниот кривичен суд Скопје. Воедно, решението на Јавното обвинителство е донесено и заради обезбедување економичност и единственост на кривичниот прогон, со оглед на тоа што во истиот предмет за одредени осомничени се уште се води предистражна и истражна постапка и неопходно беше да се определи јавно обвинителство кое ќе постапува за овој кривично-правен настан – информираа од ОЈО.

Оттаму велат дека за решението е доставено известување до Основниот кривичен суд Скопје, а кочанското обвинителство е задолжено да ги предаде списите и доказите од овој предмет на Основното јавно обвинителство Скопје.