Фото: Маја Јаневска Илиева

Поранешниот музички новинар Михајло Грбевски-Мишко, денеска на платото пред музичкиот салон „До-ре-ми“, во Младинскиот културен центар во Скопје ја промовираше својата прва книга со симболичен наслов „Rock N` Beat“.

Станува збор за второ, дополнето издание, во кое за разлика од првото има и фотографии од некои од музичките соговорници. Промоцијата, е во рамките на културната манифестација „Скопско лето“.

Промотори на книгата беа неговите некогашни колеги, новинарите Тони Димков и Ненад Георгиевски.

Фото: Маја Јаневска Илиева

– Ова публикација претставува збир на текстови што сум ги пишувал во мојата 18-годишна новинарска кариера. Интервјуата што се наоѓаат во книгата беа објавени во повеќе медиуми во кои сум работел, како што се неделникот „Екран“, дневниот весник „Време“ и неговиот неделен прилог „Ритам“, како и во „Нова Македонија“. „Rock N` Beat“ е моја прва книга, но тоа не значи дека јас тука ќе застанам. Ова е само поттик да продолжам понатаму и во наредните години да ги ставам на едно место и другите мои текстови што сум ги пишувал, затоа што имам уште голем број текстови што чекаат да бидат објавени – вели Грбевски.