Фото: „Нова Македонија“

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Убиство согласно член 123 став 2 точка 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик, информираа од ОЈО.

Како што се вели во соопштението, на 11 јули во селото Батинци, осомничените заедно и по претходен договор, со умисла го лишиле од живот сега починатиот Агим Муареми, а притоа го довеле во опасност и животот на неговата ќерка.

– На наведеното место пристигнале со автомобил „Опел астра” со кој управувал вториот осомничен, додека првиот осомничен и уште две за сега непознати лица биле сопатници. Со возилото го пресекле патот на автомобилот „КИА соренто“ во кој биле оштетените. Првоосомничениот со огнено одружје – пиштол испукал пет куршуми кон сега починатиот и неговата керќа, притоа нанесувајќи му на оштетениот две огненострелни рани во градниот кош и заканувајќи се дека ќе им го убие целото семејство. Жртвата успеала да излезе од возилото со цел да спречи убивање или грабнување на неговата ќерка и тргнал кон напаѓачите, на што тие веднаш влегле во нивниот автомобил и избегале. Ќерката повикала роднини кои го пренеле таткото во болница, но тој таму им подлегнал на здобиените повреди – велат од ОЈО.

Оттаму додаваат дека наредбите издадени од јавниот обвинител до овој момент резултирале со идентификување на лицето сопственик и возач на автомобилот во кој биле сторителите.

– Тој е лишен од слобода и денеска беше изведен пред судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, каде јавниот обвинител предложи да му биде определена мерка притвор. Потрагата за првиот осомничен продолжува, а јавниот обвинител издава наредби за идентификација и на другите за сега непознати лица инволвирани во настанот – се вели во соопштението на ОЈО.