Фото: Маја Јаневска Илиева

Македонија е далеку побезбедна од тоа што беше пред две години, за тоа говорат бројките, граѓаните и фактите, а опозицијата нормално е дека ќе си дава изјави такви какви што си дава и нормално дека ќе обвинува, затоа што тоа и работа, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Во однос на обвинувањата од опозицијата дека е нарушена безбедноста, Тошковски порача дека добро би било кога обвинува опозицијата да прави компарација со претходно и навистина реално да ги согледа фактите.

-Добро би било да има додаена вредност на тоа што го прави опозицијата, да не е само паушално и да не е само празни обвинувања за да бидат присутни во етерот, но тоа е нивна работа и нека си оценат како ќе продолжат понатаму – рече Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на меморандум за соработка со Црвениот крст.

Прашан околу убиството во Батинци и дали има повеќе информации со оглед дека е второ убиство во една година, Тошковски рече дека МВР постапува во делот на она што го има како информации, дека истрагата се уште е во тек и кога ќе има дополнителни информации ќе сподели со јавноста.

-МВР го расветли случајот од аспект на сторител и преземени дејствија. Постапуваме во насока на идентификување на локација на сторителот и не би сакал да навлегувам повеќе во детали. Не би можел да изнесам повеќе информации во јавноста од она што ви го кажав во врска со конкретниот предмет, изјави Тошковски.