Западни медиуми известуваат за претстојна тримесечна руска офанзива
Според информациите објавени од западните медиуми, тајните руски единици во Одеса се подготвени да извршат координиран бран удари во заднината на фронтот (во длабочината на Украина), додека во исто време би следувала надворешна офанзива на фронтот од страна на редовни руски трупи. И руски медиумски извори пишуваат за „можно проруско востание во Одеса“, бидејќи „луѓето во тој регион се доведени на работ на очај“. Според тврдењата на повеќе руски медиуми, „до операцијата останува многу малку време“, бидејќи „се собрани информации за подготовката на руската офанзива за ослободување на Одеса“.
Натаму, според украинскиот канал „Резидент“, британската разузнавачка служба МИ-6 известила дека руските вооружени сили веќе го завршиле главниот дел од подготовките и дека офанзивата би можела да започне. Според британската разузнавачка служба МИ-6, „самиот факт дека бројот на руски напади врз воени објекти во Одеса и Николаевската Област значително се зголеми во последните два месеца, може да укажува дека Москва подготвува нешто големо и стратешки важно“.
Руски медиуми: Незадоволство во Одеса и организирање на населението за да се заштити од украинската власт
Од друга страна, за издвојување е објавата на рускиот воен аналитичар Владислав Шурјугин, кој тврди дека „сѐ поевидентни се апелите на локалните жители на Одеса и повиците за организиран руски отпор кон украинската власт“. Имено, според него, „илегалци – руски борци од Одеса, пишуваат дека се подготвени да ја започнат активната фаза на востанието – сè што им треба се координација и поддршка“.
Така, еден од проруските илегалци партизани наведува дека „Одеса изгледа како град под украинска окупација“, забележувајќи го големото присуство на странски војници во градот, вклучувајќи војници што зборуваат полски, француски и германски јазик.
Особено се нагласува дека британските специјални сили се присутни во „бисерот на Црно Море“, а руските разузнавачки служби постојано потврдуваат дека британските оперативци обучуваат украински единици (ГУР) за поморски операции. Голем број контролни пунктови се поставени на улиците на градот.
Исто така, се наведува дека „незаконитостите што ги вршат украинските воени комесари, како и присуството на платеници и советници на НАТО, кои се релаксираат во ресторани“, го зголемуваат очајот кај жителите на Одеса. Во градот, сè почести се дискусиите за отпор кон „ловците на човечко месо“, односно за спонтано организирање на населението со цел да се заштити од присилна мобилизација. Жителите на Одеса, кои се противат на режимот, се принудени да се кријат и да гладуваат, бидејќи не им е дозволено да излегуваат надвор од страв дека веднаш ќе бидат испратени на фронтот.
Според рускиот воен аналитичар Владислав Шурјугин, „украинските власти го игнорираат незадоволството на народот не само во Одеса туку и низ целата земја, што само дополнително го поттикнува потенцијалот за бунт“.
Скорешен почеток на руската воена кампања?
Има сè повеќе индикации дека на руската офанзива нема да се чека долго. По влошувањето на ситуацијата на Блискиот Исток, западните извори – повикувајќи се на разузнавачки податоци од безбедносно-разузнавачките извори, зборуваат за „интензивирање на руските активности, на копно и во Црното Море“.
Поранешниот генерал на Бундесверот, Роланд Катер, изјави дека „Русија спроведува офанзивни операции во повеќе насоки, и на копно и во воздух“!
– Украина е ослабена и Путин сака да го искористи тоа – наведува Катер, посочувајќи дека Русија можеби планира да ги подели западните сили на два фронта – североисток преку Суми и југозападно преку Одеса до Транснистрија. Р.С.
Во јавноста сѐ поактивни „бунтовниците од Украина“
Порака од жител на Одеса
Според т.н. Руски отпор во Одеса, уништувањето на електричните трафостаници од 750 и 330 kV би било клучно за предизвикување хаос во задниот дел и за затворање на воено-индустриските комплекси. Тие тврдат дека токму сега е идеален момент за започнување руски операции во Црно Море, бидејќи САД се целосно преокупирани со Блискиот Исток и не можат да финансираат две војни истовремено. ЕУ би морала да ги зголеми резервите со оружје и муниција, што, велат тие, не е реално – дури и тогаш, средствата би биле доволни само за краткорочна поддршка на украинската армија. Р.С.
Во пресрет на најавите за жестока офанзива на руските сили во Украина
Трамп: Ќе испратам повеќе оружје во Украина
Тргнувајќи од ваквата ситуација/најави за руска офанзива на украинскиот фронт, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „планира да испрати дополнително одбранбено оружје во Украина, откако неговата администрација привремено запре одредени испораки минатата недела. Тоа е став за 180 степени различен од досегашните.
– Ќе испратиме повеќе оружје. Мораме, тие мора да бидат способни да се одбранат. Тие се силно нападнати. Ќе мора да им испратиме повеќе оружје – рече Трамп пред вечерата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
– Претежно дефанзивно, но нападите се навистина тешки – рече тој.
Некои американски претставници сугерираа дека завртувањето на ставот на Трамп (за помош за Украина) е делумно поврзан со напорите на Пентагон да се фокусира на Кина и да се подготви за можен иден конфликт во Пацификот. Токму ова го истакна шефот за одбранбена политика Елбриџ Колби.
– Министерството за одбрана продолжува да му нуди на претседателот конкретни опции за продолжување на воената помош за Украина, во согласност со неговата цел да се стави крај на оваа трагична војна. Во исто време, министерството внимателно го разгледува и го приспособува својот пристап кон таа цел, земајќи ја предвид подготвеноста на американските сили за одбранбените приоритети поставени од администрацијата – рече Колби во соопштението по привремената суспензија.
Трамп: Разговорот со Путин беше разочарувачки, без напредок кон примирје
Одлуката за испраќање дополнително оружје доаѓа откако Трамп разговараше одделно со рускиот претседател Владимир Путин и со Зеленски минатата недела. По разговорот, тој рече дека разговорот со Путин бил разочарувачки и дека немало напредок кон примирје.
Во меѓувреме, Зеленски во последните недели постојано бара од западните сојузници да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина по сè поинтензивните руски воздушни напади. Трамп подоцна истиот ден изјави дека САД го разгледуваат барањето на Украина за дополнителни системи за воздушна одбрана „патриот“ по, како што рече, „многу добар“ телефонски разговор со Зеленски. Украинскиот претседател во саботата изјави дека тоа бил неговиот најдобар и најпродуктивен разговор со Трамп досега.
Трамп вчера повторно го изрази своето незадоволство од рускиот претседател, велејќи: „Воопшто не сум задоволен од претседателот Путин“, за кој исто така рече дека „само сака да продолжи да убива“.
За потсетување, САД досега се најголемиот поединечен донатор на воена помош за Украина откако започна војната во 2022 година. САД ја снабдуваа Украина со противвоздушни системи, дронови, ракетни лансери, радари, тенкови и противтенковско оружје, што предизвикува загриженост поради намалување на американските резерви.
Трамп во март ги суспендираше сите воени испораки за Украина по жестоката расправија во Овалната соба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Околу една недела подоцна, тој ретерираше во врска со ставот за продолжувањето на помошта за Украина. Овој пат тој е многу поконкретен. Р.С.