Хрватскиот институт за океанографија и рибарство во Сплит објави вознемирувачки информации дека инвазивен вид на алги се шири низ Јадранско Море, што би можело да доведе до колапс на подводниот биодиверзитет
Хрватска
Во извештајот на хрватскиот институт за океанографија и рибарство во Сплит се наведува дека станува збор за екстремно инвазивна алга, Stypopodium schimperii, за која се вели дека се шири низ целото хрватско морско дно. Имено, тоа е „кафеава алга, која потекнува од Индиски Океан, а веројатно се населила во Медитеранот минувајќи низ Суецкиот Канал“. Првите алги од овој тип се забележани во Израел околу 1973 година. Со понатамошно ширење, тие стигнале до бреговите на источниот Медитеран, а биле забележани и во Егејско и Јонско Море во Грција.
Институтот за океанографија и рибарство во Сплит пронајде неколку примероци од алгите есента 2020 година кај островот Вис, во близината на Комижа. Од хрватскиот институт за океанографија и рибарство во Сплит предупредуваат дека тие се загрижени две години, а денес ситуацијата е катастрофална.
– Карпестото морско дно, длабоко помеѓу три и 25 метри, околу Комижа, па дури и подалеку од заливот Комижа, е „буквално монокултура на оваа алга“. Алгата може да се најде околу целиот остров Вис, но засега најгустите населби се околу Комижа. Ја најдовме и на Бишево и Брусник, каде што веќе значително го покрива дното. За само три години, од неколку примероци, алгата изградила континуирана населба. Во нејзините густи населби речиси нема автохтони видови алги и безрбетници – предупреди Институтот, кој верува дека алгата ќе се прошири на подрачјето помеѓу Шолта и Корнати преку струите.
Граѓаните се алармирани, па дури се пратени јавен апел и молба да го известат хрватскиот институт за океанографија и рибарство во Сплит доколку ја пронајдат алгата (и да ја фотографираат).
Ангел Митревски, наш постојан дописник од Сплит, Хрватска