Со монодрамата „Кармен“, Драмскиот театар од Скопје учествуваше на 13. Меѓународен фестивал на камерни театри и малите театарски форми во Кишинев, Молдавија.
Фестивалот се одржува на сцената на Државниот младински театар во Кишинев со учество на театри од тринаесет земји, меѓу кои: Германија, Канада, Соединетите Американски Држави, Јужна Кореја, Израел, Македонија, Романија, Турција, Косово, Киргистан, Азербејџан, Казахстан и домаќинот Молдавија.
Драмскиот театар од Скопје со монодрамата „Кармен“, во која ликот на Кармен го игра Биљана Драгичевиќ-Пројковска, учествувал на десетина меѓународни фестивали, и тоа во Грузија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Албанија, како и на неколку гостувања во нашата земја.
Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.
Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија.