Став
Никола Ристевски
Природните ресурси и културното наследство во Република Македонија воодушевуваат со својата древност, автентичност и достапност во 21 век. Непроценливото културно богатство и условите за користење на природните извори на енергија заслужуваат поголемо внимание и разумна употреба, преку одржливи модели за развој на економијата и соодветни начини зa управување, односно менаџмент. Убавините што ги дала природата, заедно со движните и недвижните археолошки наоди и нематеријалното културно наследство, се нераскинлив дел од туристичкиот потенцијал на државата. И покрај светските трендови, овде веќе доцниме со применување модели на управување со туризмот што би биле соодветни на побарувачката на светскиот пазар. Најновите достигнувања од научните дисциплини менаџмент и маркетинг треба правилно да се применат за развој на туризмот, раст на економијата, подобрување на екологијата, разумна употреба на природните ресурси, соодветно управување со културното наследство и подигање на животниот стандард и квалитетот на живот на населението. Можностите што ги нуди модерната технологија, заедно со промените во научната свест, претставуваат дополнителна инспирација за управување со туристичкиот потенцијал на Македонија на начини што ќе придонесат за развој не само на туризмот туку и на целата економија во државата. Во оваа серија текстови ги поврзувам досегашното образование, работно искуство, научни истражувања и моите сознанија за начини и можности за менаџмент на туристичкиот потенцијал и соодветно позиционирање на Македонија на светскиот туристички пазар, кој постојано се развива.
Според Светската туристичка организација при Обединетите нации, туризмот е збир на активности, услуги и индустрии што доставуваат патувачко искуство, кое вклучува: транспорт, сместување, храна и пијалаци, продавници, забавни активности и други туристички услуги за индивидуи или групи што патуваат надвор од својот дом. Одржливиот туризам се грижи во целост за моменталното и идното економско и социјално влијание на околината, истовремено грижејќи се за потребите на посетителите, индустријата, околината и домаќинствата.

Бидејќи не секое патување претставува туризам, за патувањето да биде дел од туризмот, треба да вклучува посета надвор од вообичаената околина, да има намера и времетраење. Туризмот и патувањето се нераскинливи, па, така, и најобично патување може да се трансформира во туристичка посета. Патувањата и туризмот се едни од најголемите генератори на вработувања и инвестиции и основна движечка сила за економски раст и развој, генерираат околу една десеттина од работните позиции на светско ниво и се одговорни за една третина од светскиот извоз на услуги.
Преку директно, индиректно и индуцирано влијание, патувањата и туризмот достигнуваат и до една десеттина од светскиот БДП, што ги прави витален учесник во светскиот развој, овозможувајќи создавање уникатна улога на туристичкиот пазар во градењето силен, одржлив и балансиран економски развој. Туризмот е економски механизам што има огромен потенцијал за развивање одржлив развој во земјите што се развиваат, особено во државите со низок степен на развој и раст. Иако неговите корени лежат во често непланирани практики за истражување и откривање, неговата иднина лежи во високо структурирано и добро планирано и менаџирано извршување.
Туризмот е многу повеќе од индустрија, тој претставува различен, мултидимензионален синџир на достава низ различни сектори. Изгледа едноставно, но всушност е многу сложен, а неговиот успех зависи од тоа на какви основи се поставени и поврзани издржливите системи и локалните заедници. Светската туристичка организација уште пред една деценија потврди дека фокусот задолжително треба да биде врз сигурноста дека се овозможени услови за локалните производители и доставувачи на продукти и услуги да можат да го снабдуваат туристичкиот оператор. Се бараат вештини за развој на локалното вработување и развој, поврзување на домашната култура, создавање иновативни и издржливи практики за долгорочна стабилност и позитивен исход не само за економијата туку и за животната средина.
Економската одржливост претставува користење различни стратегии за оптимална употреба на постојните ресурси, со цел остварување одговорен и полезен баланс на долгорочен план. Употребена во бизнисот, економската одржливост вклучува користење одбрани ресурси за овозможување ефикасен раст и функционален профит во иднина. Етапите за развој на одржлив туризам и менаџмент-практиките што се користат за поставување одржлив туристички систем може да се применат во сите форми на туризам, на какви било дестинации, од масовен туризам до најмалите гранки и одделни туристички сегменти. Принципите на одржливост се однесуваат на екологијата, економијата, социокултурните аспекти на развојот на туризмот и компатибилен баланс, кој е неопходен за да се поврзат трите димензии за гаранција на долгорочна одржливост. Одржливиот туризам треба оптимално да ги користи ресурсите од околината за да изгради основни елементи за развој на туризмот, одржувајќи ги еколошките процеси и помагајќи за конзервација на природното наследство и биодиверзитетот. Почитувањето на социокултурната автентичност на заедниците што се домаќини на туристичките активности, зачувувањето на нивните традиции, културно наследство и традиционални вредности, да придонесува за внатрешно разбирање на културата, толеранција и развој на свеста за зачувување на планетата Земја. Одржливиот туризам се содржи од витални долгорочни економски операции што овозможуваат полезни врски на сите вклучени учесници, вклучувајќи стабилни вработувања и можности за заработка, како и социјални услуги на заедниците домаќини и придонес за намалување на сиромаштијата. Развојот на одржливиот туризам бара информирани учесници, но и силно политичко водство за да може да се обезбедат широко учество и градење консензус. Достигнувањето на одржливиот туризам не е моментален ниту краткорочен процес, туку долгорочен продолжителен процес, кој бара јасен менаџмент на развој и кој има потреба од постојано набљудување на сите чинители и влијанија, претставувајќи ги потребните превентивни и/или корективни мерки секогаш кога има потреба. Одржливиот туризам треба и мора да одржува високо ниво на задоволност кај клиентите и да им обезбеди значајно искуство на туристите, подигајќи ја нивната свест за одржливата економија, екологијата и културното наследство.
Пред да се направи новата национална стратегија за развој на туризмот, препорачливо е да се обезбедат целосна транспарентност на досегашната работа на државните институции вклучени во развојот на туризмот, јасно мерење на ефикасноста и ефективноста и оптимизирање на административните трошоци за персонал на државно и локално ниво. Пожелно е ангажирање стручни луѓе од различни сектори за создавање мултидисциплинарен тим, кој за релативно брзо време би направил досега невидени промени во менаџментот и маркетингот на туристичкиот потенцијал на Македонија. Време е да се признае дека комуникацијата помеѓу туристичките промотори, приватниот сектор, државните институции, локалните самоуправи, невладиниот сектор и жителите во регионите со туристичкиот потенцијал не само што недостига туку многу често и не постои. Нема ништо лошо во јасно оптимизирање на начините на туристичка промоција, како што не треба да пречат ни добронамерни насоки за подобрување на моменталната ситуација. Според ОН, петте стратешки приоритети за туризмот сe: забрзување на иновациите и дигиталната трансформација, образование и градење капацитети во туризмот, конкурентност на туризмот, иновации и инвестициски можности. Преку лидерство, партнерство и знаење, туризмот продолжува да влијае врз создавањето услови за поодржлива економија на глобално ниво, зголемување на вработувањата, намалување на сиромаштијата и подобрување на животниот стандард, подобрување на екологијата, зачувување на културното наследство и разумна употреба на природните ресурси.
Предлог-измените на Законот за туристичка дејност со кои се прекинува работата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и истата та се укинува, препорачуваат формирање посебно тело – Совет за промоција и поддршка на туризмот, го поминале комисискиот филтер во Комисијата за култура и туризам во прво читање. Со предложените измени е предвидено министерот за култура да формира посебен совет и да се доделуваат нови субвенции за туризмот. Овде ќе го парафразирам Питер Дракер и неговото „не можеш да управуваш со нешто ако не можеш да го измериш“, со цел добронамерна препорака на вклучување на петте стратешки приоритети на ОН преку јасна мерливост на ефикасноста и ефективноста на менаџментот на туристичкиот потенцијал. И, како што напишал Макијавели, да не заборавиме дека секогаш треба да се има предвид дека нема ништо потешко да се спроведе, ниту посомнително за успех, ниту поопасно за управување од иницијацијата на нов ред на нештата, бидејќи оној што ги иницира и имплементира има непријатели во сите што имаат корист од стариот поредок, а само меки бранители и поддржувачи меѓу оние што би имале полза од новиот поредок и воспоставен ред. Мекоста на поддршката произлегува делумно и од недостигот од верба кај луѓето, бидејќи тешко веруваат во нешто ново додека не стекнат лично практично искуство што ги предизвикува да го прифатат иницирањето на ред во хаосот.