Со оддавање почит денеска се одбележува третата годишнина од масовното убиство во основното училиште Владислав Рибникар во Белград, пренесе МИА.
На 3 мај 2023 година, малолетен ученик уби девет деца и еден училишен чувар, а повреди уште пет ученици и еден наставник.
На одбележувањето присуствуваше српскиот премиер Ѓуро Мацут заедно со неколку министри, кои им оддадоа почит на жртвите.
Поради возраста, сторителот не може да биде кривично гонет, а постапка се води против неговите родители. Во тек е повторено судење пред Вишиот суд во Белград, откако Апелациониот суд ја поништи првостепената пресуда.
За време на денешното одбележување, била фрлена петарда од зграда во близина, по што полицијата веднаш започнала истрага.
Само еден ден по оваа трагедија, на 4 мај 2023 година, Урош Блажиќ уби девет и рани 13 лица, претежно млади, во селата Мало Орашје и Дубона кај Младеновац.
Во Србија, 3 и 4 мај се одбележуваат како Денови на сеќавање на жртвите од масовните убиства. По тој повод, амбасадорот на Европска Унија во Србија, Андреас фон Бекерат, изрази солидарност со семејствата на жртвите.
Од 4 до 8 мај во училиштата низ Србија се одбележува Неделата на сеќавање и единство.

































