ФУДБАЛ – КЛУПСКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Прв финалист на клупското СП 2025 ќе биде Палмеирас, Ботафого, Бенфика, Челси, Интер, Флуминенсе, Манчестер сити или Ал Хилал, а втор Пари сен Жермен, Интер Мајами, Фламенго, Баерн, Реал Мадрид, Јувентус, Борусија Дортмунд или Монтереј
Вкупно 16 тима од 10 земји од четири континенти ќе играат во осминафиналето на реформираното клупско фудбалско Светско првенство (СП што се игра во САД. Најмногу претставници има Бразил, четири, по два имаат Англија, Италија и Германија, а по еден Португалија, Саудиска Арабија, Франција, САД, Шпанија и Мексико.
Прв финалист на СП 2025 ќе биде еден од првите осум осминафиналисти, Палмеирас, Ботафого, Бенфика, Челси, Интер, Флуминенсе, Манчестер сити или Ал Хилал, а втор ќе биде еден од вторите осум тима меѓу 16-те најдобри, Пари сен Жермен, Интер Мајами, Фламенго, Баерн, Реал Мадрид, Јувентус, Борусија Дортмунд или Монтереј. Според тој распоред, можни се финалиња на тимови од иста земја (од Бразил или од Италија), од ист континент (од Јужна Америка или од Европа), Бразил сигурно ќе има тим во четврт-финалето (во осминафиналето меѓу себе ќе играат Палмеирас и Ботафого)…
Првите осминафинални дуели се денеска, и тоа Палмеирас – Ботафого (од 18 часот) и Бенфика – Челси (22 ч.), а потоа се натпреварите Пари сен Жермен – Интер Мајами (утре, 18 ч.), Фламенго – Баерн (утре, 22 ч.), Интер Милано – Флуминенсе (понеделник, 21 ч.), Манчестер сити – Ал Хилал (вторник, 3 ч.), Реал Мадрид – Јувентус (вторник, 21 ч.) и Борусија Дортмунд – Монтереј (среда, 3 часот).
За пласманот во осминафиналето клубовите заработија по 7,5 милиони долари од наградниот фонд на Светската фудбалска федерација (ФИФА), тие што ќе играат во четврт-финалето ќе добијат по 13,125 милиони, полуфиналистите по 21 милион, финалистите по 30 милиони, а новиот светски клупски првак и дополнителни 10 милиони долари, пишува ФИФА.
Најголема посетеност на еден натпревар имаше на дуелот Пари сен Жермен – Атлетико Мадрид, на стадионот „Роуз Боул“ во Лос Анџелес, вкупно 80.619 гледачи, Манчестер сити постигна најмногу голови, 13, потоа се Баерн со 12, Јувентус со 11 погодока…, Манчестер сити на тренерот Пеп Гвардиола е единствениот тим што се пласира понатаму со максимален број бодови, Микаел Олисе од Баерн и Дезире Дуе од Пари сен Жермен имаа најмногу дриблинзи, по 12, пред Лионел Меси од Интер Мајами со 10…, пишува ФИФА по групната фаза.