Некои опсервации за резултатите од израелско-иранската војна
Иран е охрабрен (и горд) од фактот дека е единствената земја во регионот на Блискиот Исток (и во светот) што се осмели да даде отпор и да го нападне моќниот Израел, кој има нуклеарно оружје и е под целосна безбедносна заштита на САД. Она што веројатно е следно за Иран, по краткотрајниот воен судир, е тоа што со ваков имиџ ќе биде уште посилен за градење институционални врски со земјите членки на БРИКС и Шангајската организација за соработка (ШОС). Тој ќе ги продлабочи сега и билатералните односи со Кина и со Русија
Кога конечно ќе се сумираат вистинските резултати од израелско-иранската војна, можеби со право се констатира дека Израел постигна значително повеќе од поставените и посакувани цели. Но и Иран не постигна малку.
Иако еден дел од нуклеарните постројки на Иран беа разурнати и на Техеран ќе му требаат време и пари за да ги обнови, и тој извлече некои бенефиции од краткотрајната војна.
Што доби Иран од воениот судир со Израел и САД?
Најпрвин, факт е дека Иран не беше агресор во горенаведената војна, туку жртва на агресија. А агресијата сама по себе, при што се загрозува нечиј територијален и друг суверенитет на некоја држава, е – нелегална од гледна точка на меѓународното право! Поради тој факт, Техеран сега слободно и во внатрешните, а особено во меѓународните односи може да гради имиџ на „жртва на агресија“, а неговата национална гордост (за внатрешна употреба) ќе продолжи да се гради врз основа на националниот отпор што тој го обезбеди со свои ракетни системи, заради заштита на својот суверенитет. Иран ќе биде охрабрен и горд на фактот дека е единствената земја во регионот и во светот што се осмели да даде отпор и да го нападне моќниот Израел, кој има нуклеарно оружје, а е и под целосна безбедносна заштита на САД.
Она што веројатно е следно за Иран, по краткотрајниот воен судир, е тоа што со ваков имиџ ќе биде уште посилен за градење институционални врски со земјите членки на БРИКС и Шангајската организација за соработка (ШОС). Тој ќе ги продлабочи сега и билатералните односи со Кина и со Русија, кои всушност се единствените гаранти за неговиот државен опстанок.
Зошто на Иран не му е дозволено да поседува нуклеарно оружје, а на другите земји им е дозволено?
Во аналитичка статија од уредникот за Блискиот Исток, Рафи Берг, Би-би-си од свој агол ја објаснува заднината на прашањето што е во срцето на моменталните тензии меѓу Иран, Израел и Западот – зошто на некои земји им е дозволено да имаат нуклеарно оружје, а на други не. Па така, во аналитичката статија отворено се поставува прашањето: Кој има право да поседува нуклеарно оружје?
– Според меѓународниот договор од 1968 година, познат како Договор за неширење нуклеарно оружје (НПТ), само пет земји имаат официјално право да поседуваат нуклеарно оружје: САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција. Покрај нив, Индија, Пакистан и Северна Кореја исто така имаат нуклеарно оружје, иако не се потписнички на НПТ или подоцна се повлекле од него. Израел се смета за држава што поседува и нуклеарно оружје, но никогаш официјално не го признал ниту негирал тоа.
НПТ предвидува дека државите можат да развијат цивилна нуклеарна програма, но строго забранува проширување на воениот нуклеарен капацитет надвор од петте признаени нуклеарни сили. Мнозинството држави членки на ОН, вклучувајќи го и Иран, го потпишаа договорот и со тоа се обврзале дека нема да развиваат или набавуваат нуклеарно оружје, се констатира најпрвин во статијата на Би-би-си.
Зошто на Израел му е дозволено, а на Иран не?
Израел, заедно со Индија, Пакистан и Јужен Судан, не го потпиша НПТ. Со тоа ја избегна законската обврска да ја открие својата нуклеарна програма и да дозволи меѓународни инспекции. Израел води политика на нуклеарна двосмисленост, верувајќи дека е стратешки поволно ниту да се потврди ниту да се негира поседувањето нуклеарно оружје.
Поради таа причина, Иран, арапските земји и голем број други земји со години бараат притисок врз Израел да ги отвори своите капацитети за меѓународна контрола и да размисли за нуклеарно разоружување, тврдејќи дека нуклеарниот капацитет на Израел е извор на нестабилност и закана за безбедноста на регионот.
А што е со Иран?
Иран се декларира јавно дека „не сака да развива нуклеарно оружје и дека неговата програма е исклучиво цивилна по природа“!
Но многу земји се сомневаат во искреноста на ова тврдење, особено по „откривањето на тајната нуклеарна програма на Иран во 2002 година“ (?!), што претставуваше прекршување на Договорот за нуклеарно неограничување. Откритието предизвика (или фингира) долготрајна криза и доведе до меѓународни санкции, преговори и конечно до нуклеарниот договор од 2015 година, од кој САД подоцна еднострано се повлекоа. Неодамнешната ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран ги зголеми загриженостите за потенцијалната милитаризација на нуклеарната програма на Иран, иако Иран продолжува да инсистира дека нема амбиции да развива бомби.
Иран кога-тогаш ќе ги реализира своите амбиции да стана нуклеарна сила?
Некои воени аналитичари со голема самоувереност тврдат дека „Техеран, кога сето ова наскоро ќе се смири, и под заштита на Русија и Кина, всушност полека ќе почне да работи на развој на нуклеарно оружје – како единствена сигурна заштита дека никој никогаш нема воено да ги нападне“, по примерот на Северна Кореја и Пакистан… Во насока на ова тврдење, аналитичарите го истакнуваат фактот дела „Иран веќе одамна го засолнил целиот свој збогатен ураниум на непозната локација – па вистинското прашање е што доби на крајот Израел од оваа војна, освен уништувањето голем број објекти во Техеран и низ целата земја, што сепак по малку ќе го уназади финансиски Иран неколку години“. Но потенцијалот за цивилната нуклеарна програма, со која енергетски и комерцијално брзо ќе напредне, е – зачуван. Техеран, во соработка со Кина и со Русија, ќе гарантира дека нема да развива нуклеарна воена програма.
Цивилните експертски западни контролори ќе зачестат на теренот на Иран, заради регистрирање на работењето. Но Иран во скоро време нема ниту да има потреба од минување на „црвените линии на нуклеарната програма“. Некои експерти дури се и сигурни дека Иран „ниту може со збогатување на ураниумот да стигне до нуклеарна бомба“. Техеран сега интензивно, во рамките на новиот поредок и мултилатерализмот, ќе се насочи кон свое внатрешно зајакнување (против режимот на Техеран сега не е ниту Вашингтон) и, со стабилна, долгорочно незагрозена влада, да направи значајни исчекори кон економски развој на својата земја и зацврстување на својата позиција на меѓународен план. Р.С.