Израелскот премиер Бенјамин Нетанјаху доцна синоќа изјави дека неговата земја „постигнала историска победа“ во операцијата „Исправен лав“. Тој истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп „се придружил на невиден начин“ и му се заблагодари за „неговата улога во одбраната на Израел и отстранувањето на иранската нуклеарна закана“.
Тој истакна дека нападот на САД врз Иран „е плод на дипломатската кампања што ја водеше со министерот Рон Дермер“.
-Израел никогаш немал пријател како претседателот Трамп во Белата куќа и му се заблагодарувам од дното на моето срце за нашата заедничка работа – рече Нетанјаху, неколку часа откако лутиот Трамп остро го критикуваше Израел за кршење на примирјето со Иран.
Нетанјаху тврди дека американските сили го уништиле подземниот објект за збогатување ураниум во Фордо.
-Ако некој, ако некој во Иран се обиде да ја обнови нуклеарната програма, ние ќе дејствуваме со иста решителност, иста сила, за да го спречиме секој таков обид. Повторувам – Иран нема да има нуклеарно оружје“ – рече тој.
Нетанјаху се пофали дека Израел ја уништил иранската програма за балистички ракети и повеќето од неговите лансери.
Израел му нанесе тешки удари на злиот режим, рече тој и се осврна и на ситуацијата во Газа, велејќи: „Мораме да го победиме Хамас и да ги вратиме заложниците“.