ФУДБАЛ – КЛУПСКО СП 2025
Палмеирас (Бразил) – Ботафого (Бразил) и Пари сен Жермен (Франција) – Интер Мајами (САД) беа првите двојки од осминафиналето познати по некомплетното трето коло на клупското фудбалско Светско првенство (СП) што се игра во САД. Осминафиналињата на СП 2025 на програмата се од сабота до вторник. Ботафого и Пари сен Жермен се актуелни прваци на Јужна Америка, односно на Европа, а Палмеирас беше јужноамерикански шампион во 2020 и во 2021 година. Пред новите натпревари синоќа, од третото коло на групите на годинашното реформирано планетарно клупско фудбалско првенство место меѓу 16-те најдобри екипи обезбедија и Баерн (Германија), Фламенго (Бразил), Јувентус (Италија) и Манчестер сити (Англија). Фламенго го осигури првото место во групата Д и за пласман во четврт-финалето ќе се сретне со второпласираниот тим од групата Ц, во која пред натпреварите синоќа за тоа второ место во игра беа Баерн, Бенфика (Португалија) и Бока јуниорс (Аргентина).