Зад нас е недела во која активно работевме на подобрување на техничко-тактичките перформанси, вели тренерот на Металург пред гостувањето кај Нексе и Извиѓач
Ракометарите на Металург утре (20.15 ч) и во вторник (20.15 ч) кај Нексе, односно Извиѓач, ќе ги одиграат двата последни натпревара за годинава во Регионалната лига (РЛ), додека, пак, Вардар годината ќе ја заврши в понеделник, на гости кај романска Стеауа (18.15 ч.).
Овие два дуела ќе бидат последна можност за младите металурзи да ја прекинат поразителната серија и да забележат нова победа. Првиот дуел на домашен терен против Нексе, Металург го загуби со 26-32 (12-16) иако солидно се носеше до 50-та минута од мечот (25-26).
– Се надевам на позитивен резултат и добра игра во последните два меча за оваа година иако имавме згуснат распоред изминатиов период и се почувствува доза на замор кај екипата. Нексе е квалитетен противник, кој одлично игра на домашен терен и има солидна покриеност на сите позиции со искусни играчи. Зад нас е недела во која активно работевме на подобрување на техничко-тактичките перформанси, конкретно за овие два дуела. Верувам дека голем дел од таа работа ќе спроведеме на терен и ќе оствариме позитивен ефект. Единствен проблем ни се настинките и вирозите кај дел од ракометарите, така што сѐ уште не знам дали ќе бидеме комплетни – вели тренерот на Металург, Данило Брестовац.
Во досегашниот тек од сезоната Нексе забележа осум победи (пет од пет на домашен терен и две на гости) и три гостински порази, има 24 бода и е на четвртата позиција. Металург, пак, има само една победа, едно реми, девет порази и е на деветтото место со четири бода. Води Вардар со 30 бода од 12 меча, додека втор е Загреб со 27, но и натпревар помалку.