Железничарското спортско друштво Работнички од Дебар Маало беше зачетник во неколку спорта кај нас. Работнички беше и првиот промотор на атлетиката во Македонија, а спортскиот новинар Лазо Милошевски прв атлетски репрезентативец

НИЗ АТЛЕТСКАТА ИСТОРИЈА (1)

За атлетиката или кралицата на спортовите, како што популарно ја нарекуваат, со оглед на тоа што има многу асови како од домашната така и од светската сцена, секогаш може многу да се пишува. Во случајов ќе ги оставам настрана светските асови од рангот на пример на еден Усеин Болт, кој за поширокиот спортски свет е најголемиот спортист на сите времиња, и ќе се вратам на нашите, домашни, македонски состојби.
Мислам оти ќе биде интересно да се напише нешто повеќе за кралицата на спортовите, која со својата шареноликост и многуте дисциплини што се содржани во неа навистина е спортска кралица. Колку е значајно нејзиното место за целокупното спортско движење во светот ќе посведочи и една епизода поврзана со мојата покојна колешка, инаку една од најдобрите југословенски атлетичарки во 50-тите години од минатиот век, а потоа и една од најпопуларните спортски коментаторки Милка Бабовиќ. На Олимпијадата во Монтреал во 1976 година, на која како коментатори на ТВ Скопје, во рамките од ЈУ-пулот, бевме четворица – уредникот Атанас Костовски, потоа Иван Мировски, кој, за жал, е покоен, Драган Михајловски и јас, во нашите простории во центарот „Еј-би-си“ во еден момент „влета“ Милка Бабовиќ и гласно прокоментира: „Момци, сега дефинитивно можам да кажам оти денеска почнува Олимпијадата“. Изненадено ја погледнавме и си помисливме што зборува Милка, кога поминаа неколку дена од почетокот на Олимпијадата, а беа поделени и многу медали. „Немојте да ме гледате толку зачудено, нели денеска почнува атлетиката, па кога е така, не грешам кога велам оти, не само за мене туку и за многу други, со кралицата на спортовите почнува Олимпијадата“! Милка имаше право – атлетиката отсекогаш заземаше централно место и може да се каже оти според бројот на гледачите, таа навистина е првиот олимписки спорт, кој носи и најголема возбуда.
Популарната коментаторка на овој начин практично ја покажа и својата голема љубов кон атлетскиот спорт, кој имаше посебно место во нејзиниот живот, а ја исполнуваше и нејзината младост. Таа беше извонредна атлетичарка, шампионка и репрезентативка на поранешна Југославија на патеката од 80 метри со пречки, што е пандан на денешната трка на 100 метри со пречки. Милка Бабовиќ со која со години бевме блиску со коментаторските позиции и ги пренесувавме најзначајните атлетски настани (таа за српско-хрватското, а јас за македонското подрачје), во времето на пандемијата на коронавирусот почина. Меѓутоа, мора да кажам оти на сите што ја познававме ни остана во убави спомени.

Лазо Милошевски – прв атлетски репрезентативец

Не случајно во овој текст ја споменав Милка Бабовиќ. Тоа го сторив од проста причина што и на македонската спортска сцена, еден врвен спортски новинар беше и врвен атлетичар. Повозрасните веднаш ќе се присетат на кого мислам, а помладите ќе осознаат нешто повеќе за него, бидејќи тој има клучно значење за популаризацијата на атлетиката во нашата средина. Таа личност, која за жал малку е подзаборавена од спортските љубители, е Лазо Милошевски, име што и понатаму силно зрачи и ги оживува спомените во првите повоени години, кога тој на патеката од 400 метри стана шампион на поранешна Југославија и избори место во државната репрезентација, со што стана апсолутно првиот македонски спортист, учесник на едно европско првенство. Тоа се случи во 1950 година, кога Лазо настапи на Европското атлетско првенство во Брисел, во трката на 400 метри, во која го помина првиот круг од натпреварите, а беше член и на југословенската штафета четири пати по 400 метри.
Токму со името на Лазо Милошевски почнуваат првите постигнувања во атлетскиот спорт во Македонија. Со оглед на тоа што стануваше збор за еден млад харизматичен човек, притоа и добар новинар и спортски репортер на тогашното Радио Скопје, но и воопшто на југословенското радио, зашто тој заедно со легендарниот белградски репортер Радивое Марковиќ, често заедно и тоа на српски јазик ги пренесуваше натпреварите на југословенската фудбалска репрезентација. Во тоа време националниот дрес го носеа големите фудбалски асови како Бобек, Милутиновиќ, Шекуларац, Беара, Видиниќ, Вукас, Белин, Митиќ и уште десетина други, кои први почнаа да ја испишуваат меѓународната фудбалска историја на поранешната држава. Истите тие освоија и два олимписки медала, сребрен на ЛОИ 1956 во Мелбурн и златен на следната Олимпијада, по четири години, во Рим. Вредно е да се спомене оти на двете олимпијади голот на репрезентацијата го бранеше Благое Видиниќ, скопјанец, чии почетоци беа во ФК Вардар.
Улогата на Лазо Милошевски, не само во атлетскиот туку и во целокупниот спорт кај нас, беше од извонредно значење, зашто тој како новинар успеваше уште повеќе да го доближи спортот до младите за тие да почнат да се занимаваат со некој од спортовите.

Борба со злокобната болест

Животот не секогаш е онаков како што ние посакуваме, туку судбината е таа што го определува патот. А, за Лазо Милошевски, големиот атлетичар и врвен репортер, таа не беше нималку милостива. Напротив, таа беше многу тажна и сурова. Сѐ до последните мигови од животот тој се бореше со карцином на грлото. Спортскиот организам влеваше оптимизам, сите мислевме оти Лазо ќе ја совлада болеста, дури и докторите беа оптимисти и објавија оти тој ќе може и понатаму дури и да спортува. Но, тоа беше лажна надеж, која за миг исчезна. Шампионот навистина се обиде да се врати на патеката, истрча неколку трки, но потоа злокобната болест повторно го нападна и тука беше крајот на неговиот бурен живот. Инаку, откако од Скопје замина за Белград и вардаровата клупска боја ја замени со бојата на Црвена звезда, на почетокот сѐ беше во ред, Лазо во дресот на популарниот белградски клуб продолжи да бележи врвни резултати, особено на 200, 400 и на 800 метри. Тој стана и стандарден сениорски репрезентативец, со кого се гордееше цела Македонија, особено ние помладите, кои кога почнувавме да се занимаваме со атлетика, мечтаевме да станеме како Лазо, шампиони и репрезентативци на нашата држава. Некои успеавме во тоа, други не. Но она што во тие години се создаваше на атлетски план во Македонија, сето тоа беше поттикнато од Лазо Милошевски.
Потоа му се приклучи и еден друг атлетичар, кој на долгите патеки почна да постигнува одлични резултати. Тоа беше Љубиша Трбоевски, дебармаалец, кој за разлика од Милошевски, не беше член на Вардар, туку на Работнички. И Љубиша во почетните години од занимавањето со атлетиката имаше сличен пат како Лазо. Откако почувствува оти може да има побрз развој ако оди во некоја поквалитетна средина со подолга атлетска традиција, тој се реши да замине во Белград, но не во Ц. звезда како Лазо, туку во лутиот конкурент Партизан. Оваа двојка подоцна стана и „тројка“, откако ѝ се приклучи и младинскиот првак на поранешна Југославија на 100 метри, Чедо Шаревски, кој, исто како и Љубиша, беше член на Работнички. Во тоа време со одлични 11 секунди на 100 метри стана и сениорски рекордер на Македонија.

Двајца атлетичари со исти судбини

И овој пат мора да ја споменам судбината. Имено, кога Трбоевски стана втор тркач во Југославија на долгите патеки, по Фрањо Михалиќ (олимписки вицешампион во маратонската трка во Мелбурн во 1956 година), и Љубиша беше нападнат од тешка пневмонија и мораше да се врати во Скопје. Тука остана да се лекува и потоа повеќе не се врати во Партизан, туку остана во својот матичен клуб Работнички, во кој подоцна беше и тренер. Со тренерска работа продолжи и Чедо Шаревски, кој беше еден од првите македонски дипломци на популарниот белградски ДИФ (Факултет за физичка култура) и еден од првите атлетски тренери со високо образование.
Така се создаде една квалитетна тројка, која во годините по Втората светска војна ја афирмира македонската атлетика. Овие личности беа препознатливи не само на просторите на поранешна Југославија туку и надвор од границите на државата. Од сите нив, прв се откажа, поради тешката болест, Лазо Милошевски. Потоа се повлече и Чедо Шаревски, кој комплетно се посвети на професорската и на тренерската работа, а дури потоа, во втората половина на 1960-тите години, откако го освои второто место на Европскиот атлетски крос за железничари (АК Работнички беше клуб на тогашните ЈЖ, Југословенски железници) и Трбоевски се повлече од патеката и се посвети на тренерската работа. Но, во целиот период додека чекореше по атлетската патека ги чувствуваше последиците од прележаната пневмонија, поради која и не можеше да се доближи до резултатите што ги постигнуваше во минатото.
Но, пред да го завршам овој прв текст посветен на атлетскиот спорт во Македонија, мора да истакнам и една личност со која се поврзуваат почетоците во неколку спорта. Таа личност не е никој друг туку Славко Матовски. Тој човек што и да фатеше, одеше докрај и успеваше. Така, Славко прво беше репрезентативец на Југославија во голем ракомет (се играше на фудбалско игралиште). Откако малиот ракомет го потисна големиот, тој стана еден од најквалитетните играчи во него, а потоа како тренер, паралелно и играч, го создаде и оној познат РК Работнички, кој многу години беше нашиот водечки клуб, а се натпреваруваше и во Првата југословенска ракометна лига, Но Славко Матовски не се задоволуваше само со тоа. Тој ѝ припаѓаше и на атлетиката, во која беше активен натпреварувач, подоцна и еден од првите школувани атлетски тренери, низ чии раце помина една плејада квалитетни атлетичари на АК Работнички, кои беа неколкукратни екипни прваци на Македонија. За нив, со оглед на тоа што на некој начин беа пионери во атлетскиот спорт, ќе стане збор во наредните понеделници.