Американскиот претседател Доналд Трамп ставил вето на израелскиот план за атентат врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, пренесуваат медиумите во САД и во Израел.
Израелците ја информирале администрацијата на Трамп дека планираат убиство на Хамнеи. Откако била информирана за планот, Белата куќа јасно им ставила до знаење на израелските претставници дека Трамп е против таквата идеја.
Администрацијата на Трамп настојува да избегне поширок конфликт во регионот, а планот за атентат врз Хамнеи го смета за потег што би го разгорел конфликтот и потенцијално би го дестабилизирал целиот Блиски Исток.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска одби да ги коментира информациите за планот за убиство на Хамнеи.
– Има толку многу лажни извештаи за разговори што никогаш не се случиле – нема да навлегувам во тоа. Но, можам да ви кажам, мислам дека го правиме она што треба, и ќе направиме се што е потребно. Мислам дека САД знаат што е добро за Америка- рече Нетанјаху во изјава за американските медиуми.
Тајмс оф Израел, пак, ја пренесува изјавата на советникот за национална безбедност на Изрел, Цахи Ханегби, кој ги негира таквите тврдења, нарекувајќи ги „лажни вести од највисок ранг“.