На првиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, кој беше отворен од 11 март до 11 јуни, пристигнаа 38 ракописи. Наградата, која е востановена од издавачката куќа „Арс ламина“, со поддршка на семејството на Николова, ќе се доделува секоја година, а право на учество имаат сите полнолетни лица што ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо.
Пристигнатите необјавени романи (ракописи), напишани на македонски јазик и со кирилско писмо, ќе ги оценува тричлена комисија составена од: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка). Одлуката за првиот добитник ќе биде објавена во септември.
Наградата е востановена на денот на раѓањето на Оливера Николова, прв без нејзиното физичко присуство меѓу нас. Мисијата е двојна: да се одржи континуитет на големото авторско име на Оливера Николова со симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност, како и да се ревитализира еден од жанровите во кои Николова создаваше – романот за деца и млади, кој, за жал, подолг период е притеснет меѓу асиметричниот развој на другите жанрови (сликовниците од една страна и романите за возрасни – од друга).
Романот за деца и млади е мошне значаен во целокупниот процес на созревањето на личноста, во текот на образованието, а и пошироко, во емоционалниот и етичкиот развој на индивидуата, така што се очекува наградата „Оливера Николова“ да го ревитализира жанрот, збогатувајќи ја современата книжевност со нови дела.