Концертот „Музика и цртан филм“ за најмладата публика

На први јуни, недела, со почеток во 12 часот, игротеката „Дрим зона“ во „Дајмонд мол“ ќе биде домаќин на еден несекојдневен културен настан наменет за најмладата публика – концертот со наслов „Музика и цртан филм“, организиран во соработка со здружението „Пламенка Трајковска – МКС“ од Скопје. Овој концерт е уникатна можност децата да уживаат во живи изведби на класична музика и познати мелодии од омилените цртани филмови. На сцената ќе настапи гудачкото трио предводено од виолинистката Пламенка Трајковска, со Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело. Публиката ќе има можност да слушне композиции од најголемите имиња на класичната музика како Јохан Себастијан Бах, Жорж Бизе, Антонио Вивалди и тематски адаптации од цртани филмови како „Фрозен“, „Кралот лав“, „Моана“ и други.
Покрај музичките изведби, концертот ќе биде збогатен со интерактивни, мултимедијални елементи и современа музичка технологија, овозможувајќи им на децата не само да слушаат туку и активно да учествуваат и да го почувствуваат светот на музиката.

– Зошто е важно децата да слушаат сериозна музика од најрана возраст? Слушањето сериозна музика, особено класична, има длабоки и потврдени придобивки за менталниот и емоционалниот развој на децата. Научните истражувања покажуваат дека класичната музика може да ја стимулира активноста на мозокот, да ги поттикне развојот на јазичките способности, подобрувањето на меморијата, концентрацијата и дури и логичкото размислување. Особено кај децата во предучилишна и рана училишна возраст, музиката создава невронски врски што се важни за понатамошното учење и развој.

Покрај интелектуалниот аспект, сериозната музика го развива естетското чувство, ја поттикнува емоционалната интелигенција и ја продлабочува способноста за слушање и разбирање. Контактот со уметноста од најмала возраст создава навики за културно однесување и ја збогатува детската душа со вредности што ќе ја следат цел живот. Кога децата ќе ги слушнат моќните звуци на виолината, виолата или виолончелото, тие не само што се забавуваат туку и се образуваат, чувствуваат и размислуваат на еден подлабок начин – велат организаторите.
Концертот „Музика и цртан филм“ е токму таква можност – едукативна, забавна и културно значајна. Настанот не само што ќе ги запознае децата со вредностите на класичната музика туку ќе ги покаже и нејзината блискост и универзалност преку познати теми од нивните омилени филмови. За родителите и децата, овој концерт е прекрасна можност за заедничко доживување што може да ги инспирира најмладите да продолжат да ја истражуваат магијата на музиката.