Во Лигата на шампионите првпат ќе настапи Унион СГ од Белгија. По заокружувањето на домашните првенства, познати се 29-те директни учесници во натпреварувањето, во кое првпат една земја ќе има повеќе од пет тима
ФУДБАЛ – ЗА ИДНАТА СЕЗОНА
Познати се сите 29 директни учесници во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) за идната сезона, откако завршија сите домашни првенства сезонава. Во однос на сезонава во следната ќе се натпреваруваат 12 нови клуба, а тоа се Челси, Њукасл, Тотенхем (Англија), Атлетик Билбао, Вилјареал (Шпанија), Наполи (Италија), Ајнтрахт Франкфурт (Германија), Марсеј (Франција), Ајакс (Холандија), Галатасарај (Турција), Олимпијакос (Грција) и дебитантот во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, Унион СГ (Белгија).
Според најавите, во првиот барабан пред ждрепката треба да бидат сместени Реал Мадрид, Барселона (Шпанија), Манчестер сити, Ливерпул, Челси (Англија), Баерн, Борусија Дортмунд (Германија) и годинашните финалисти во Лигата на шампионите, Пари сен Жермен (Франција) и Интер (Италија), кои за титулата ќе играат в сабота, во Минхен.
Другите клубови што се директни учесници во лигашката фаза на Лигата на шампионите за идната сезона се Арсенал (Англија), Аталанта, Јувентус (Италија), Атлетико Мадрид (Шпанија), Баер Леверкузен (Германија), Монако (Франција), ПСВ Ајндховен (Холандија), Спортинг (Португалија) и Славија Прага (Чешка). Од сите овие 29 клуба, досега европски прваци беа Реал Мадрид, Барселона, Челси, Манчестер сити, Ливерпул, Интер, Јувентус, Баерн, Борусија Дортмунд, Марсеј, ПСВ Ајндховен и Ајакс.
И во следната сезона на Лигата на шампионите, 71. по ред, во лигашкиот дел ќе настапат 36 тима, а секој клуб ќе одигра по осум натпревари (по четири дома и на гости), со по два противника од секој барабан. Тоа ќе биде првата сезона во Лигата на шампионите со повеќе од пет екипи од една земја, откако Англија ќе биде претставена со шест екипи, и тоа пет од првенството, Ливерпул, Арсенал, Манчестер сити, Челси и Њукасл, како и со победникот на Лига Европа, Тотенхем.
Преостанатите седум учесници во лигашкиот дел ќе бидат одредени со квалификациите, и тоа пет места се резервирани за домашните прваци и уште две места за екипи што сезонава не ја освоија титулата во своите првенства. Има вкупно три квалификациски кола и плејоф, во кој директно место обезбедија Селтик (Шкотска), Базел (Швајцарија), Штурм (Австрија) и Бодо/Глимт (Норвешка). Н.М.