Фото: „Нова Македонија“

По распределбата на европските клупски трофеи предвидени до идната сабота, следува згуснат фудбалски календар летово, со многу клупски и репрезентативни мечеви

Фудбалот продолжува со несмалено темпо во овој период од годината, па така, откако по завршувањето на домашните првенства во Европа викендов и распределбата на сите клупски трофеи во натпреварувањата на Европската фудбалска унија (УЕФА) во следните неколку дена, следува згуснат фудбалски календар летово, со многу клупски и репрезентативни мечеви.
Во клупските натпревари на УЕФА утре е финалето на Лигата на шампионите за фудбалерки (играат Арсенал и Барселона), в среда е мечот за трофејот во Конференциската лига (Бетис – Челси), а идната сабота е финалето на Лигата на шампионите за фудбалери (Интер – Пари сен Жермен).
Потоа, во првите денови на јуни на програмата е фајналфор-турнирот во Лигата на нациите, кој треба да се игра во Германија (во Минхен и во Штутгарт), во чие прво полуфинале на 4 јуни ќе се сретнат Германија и Португалија, а еден ден подоцна е дуелот помеѓу актуелниот победник на тоа натпреварување и европски првак, Шпанија, и Франција. Финалето и натпреварот за третото место во Лигата на нациите се предвидени за 8 јуни.
Во истиот период на програмата се нови средби од квалификациите на повеќе континенти за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада. Во Европа третото коло е на 6 и на 7 јуни, а четвртото коло е на 9 и на 10 јуни. Македонската репрезентација на 6 јуни треба да игра со селекцијата на Белгија, во Скопје, а три дена подоцна треба да гостува на дуел со репрезентацијата на Казахстан.

Откако ќе се комплетира овој дел од квалификациите за СП 2026, следуваат две големи фудбалски натпреварувања чиј домаќин се САД, двете почнуваат на 14 јуни, и тоа првото проширено клупско Светско првенство (играат 32 тима, од тоа 12 од Европа) и новото издание на Голд-купот, 18-то фудбалско првенство на Северна Америка за репрезентации. Финалето на Голд-купот е предвидено за 6 јули, а на планетарното клупско првенство седум дена подоцна.
Во тој период, од 8 до 10 јули почнува новата сезона на европските купови, со првите мечеви од првите квалификациски кола за пласман во Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига. Квалификациите се предвидени да се играат до крајот на август. Во меѓувреме, на 13 август е дуелот во Суперкупот на УЕФА, во кој во Удине (Италија) Тотенхем ќе се сретне со новиот европски првак, а во тој период е предвиден почетокот на новата сезона во повеќе домашни првенства во Европа. Во септември се новите мечеви од квалификациите за СП 2026, почетокот на лигашката сезона во европските купови… Н.М.