Фото: Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски би можеле да се сретнат само доколку делегациите постигнат одредени договори во преговорите, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

-Таква средба е можна како резултат на работата на делегациите на двете страни, по постигнувањето одредени договори. (Ние) ја сметаме за можна – рече тој, пренесуваат руските медиуми.

Песков рече дека двете земји се согласиле да разменат списоци со услови за прекин на огнот и дека работата на нив е во тек.

Тој додаде дека преговорите меѓу Русија и Украина се во тек и дека тие треба да се водат зад затворени врати, и дека засега се разговара за постигнување на тие договори, пренесуваат руските медиуми.

Песков истакна дека делегацијата предводена од помошникот на Путин, Владимир Медински, ќе продолжи да води преговори со Украина и дека од преговорите во Истанбул, кои се одржаа вчера, немало никакви контакти меѓу лидерите на Русија и САД.

Украинскиот министер за одбрана и шеф на украинската делегација, Рустем Умеров, по вчерашните разговори потврди дека руската и украинската делегација разговарале за можна средба на претседателите на двете земји, Володимир Зеленски и Владимир Путин, како и за договорено прекин на огнот и размена на илјада воени заробеници.

Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, вчера изјави дека руската и украинската делегација на разговорите во Истанбул „во принцип“ се согласиле повторно да се сретнат.