Рецензија
Филмот „Безгрешна“ (2021 г.) анатомски ја скицира голготата на тинејџерката Дарја, која оди во центарот за рехабилитација на хероински зависници. Но се чини нејзината кревка природа како да не припаѓа во глутничкото дувло на законски престапници. Тандемот Моника Стен и Георге Ципер на престижната филмска смотра во Венеција во 2021 година ја доби наградата за најдобар дебитантски филм за режија. Целата тежинска неизвесност ја носи извонредната Дарја во интерпретација на Ана Думитреску, која до скоро глумеше во краткометражни филмови, а ова е нејзин прв игран филм. Таа веќе пројавува зрел актерски капацитет на искусна актерка, која како да има долгогодишно искуство. Нејзината „средба“ со кафеавиот прашок (хероин), популарниот „браун шугар“ – израз што го користеа „Ролингстоунс“ од песната, не е по нејзина волја. Тука би се надоврзале на познатата аксиома што гласи: „Најбедно се живее по волја на другиот“.
Во љубопитната страна на непознатото ја воведува нејзиното момче, на сличен начин како што Детлеф ја заведе Кристиана во прочуената книга „Ние децата од градината ЗОО“, а потоа е снимен и истоимениот филм. Во нашата приказна Дарја ја пречекува навидум робусниот Спартак (Василие Павел), кој се чини дека има зли намери спрема неа, со оглед дека има длабоко криминално досие, сепак се поставува заштитнички кон неа сметајќи ја за сестра. Преостанатиот крволочен џган во секоја ситуација сака да ја понижи и заведе, гледајќи во неа сексуален објект за задоволување на своите анимални потреби. Млечното лице на Дарја со срнешки поглед и сензуално јагодести бузи го зграпчува дволичниот (не)пријател Костеа (Цезар Умозеску). Тој, иако е дојден тука намерно, зема само една доза и наместо да ја послуша другарската молба да се грижи за неа, го спроведува фарисејскиот чин и води љубов со неа.
Апсурдот на вистината поминува како песок низ прсти кога Дарја е изложена на тортурата од целиот болнички персонал надминувајќи ја границата на толеранција, скокоткајќи ја до безумие. На мое изненадување, пак, дури и Спартак во една сцена ја тови Дарја со чоколадо и, покрај негодувањата, на секој залак ја убедува дека е последен. Изгубените души од анемичната установа на белите ѕидови се препуштени сами на себе, речиси без никаква докторска грижа.
Во многу сегменти не само во драматуршка интерпретација, „Безгрешна“ е во дослух со „Лет над кукавичиното гнездо“ на Форман, каде што брилјира Џек Николсон, а тука кукавиците никако да слетаат. Сепак харизматичниот хабитус на Мануел (Рајес Андричи) покажува еруптивен вулкан на љубовни стрели кон Дарја, а таа не останува имуна, тие се создадени еден за друг.
Стен и Ципер продреле до есенцијалниот психолошки карактер на ликовите. Изборот за Чанел (Илона Брезиану) е исто така одличен, со своите истоштени аветистички очи блиски на Кити Вин („Паркот во паниката на дрогата“). Сега не знам дали и читателската публика ја дели мојата бинокуларна перцепција, но директорката на болницата (Дијана Думброва) е пресликана двојничка со тигрестиот поглед на медитеранската убавица Вирни Лизи. Непогрешно филмот во себе содржи емпатија, која се темели на извонредно сјајната Ана Думитреску. Не нуди едноставна поставена режисерска игра меѓу мачка и глушец за дел од другите зависници. Дарја во себе содржи сентимент на емпатија во сцената кога го убедува Емануел да биде подобар кога ќе излезе надвор за да не се дрогира, а со тоа ќе биде подобар човек за општеството. Малку филмови имам гледано со зависници каде што траорната ситуација ве одбива, но не е и во овој случај, ова е суптилна драма со емотивна созреаност. Камерата беспрекорно долго се задржува доловувајќи ги најранливите моменти на развојот на нејзиниот лик. Во својата комбинација на впечатливи режисерски одлуки, реализмот е преточен во документарен стил. Безгрешна и длабока е медитацијата за психолошкото закрепнување, тоа е приказ на манифест за одвикнување. Не скршува од претерано напрегање, приказната ја одликува симлпифицираност, која ја пренесува клучната порака што се наоѓа во срцевината на филмот. Да се надеваме дека Дарја ја научи оваа лекција и храбро и осоколено ќе се врати кон студентските испити.
Александар Василевски