Вечерва, со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонијата, ќе настапи „Ченг дуо“, во кое свират Брајан Ченг (виолончело) и Силви Ченг (пијано). На програмата се дела од Дебиси, Равел, Де Фаља, Цинцадзе и Шостакович.
Оваа сестринско-братска врска ги освојува слушателите со својата страсна експресивност и ретка способност да воспостави блиска врска со публиката. Критичарите ги опишуваат нивните настапи како „блескави“ („Сандеј тајмс“, Велика Британија), „вистински возбудливи“ („Хол ноут“, Канада) и „апсолутно зачудувачки… со огромно владеење на инструментите“ („Пицикато магазин“, Луксембург). Челистот Брајан Ченг, добитник на Наградата „Вирџинија Паркер“ на Канадскиот уметнички совет (2023) и „При Ив Патернот“ на фестивалот „Вербие“ (2022), и пијанистката Силви Ченг, резидентна музичарка на „Сесилија концертс“ (2022/2203) и национална уметничка стипендистка на „Нешенал арт клаб“, свират заедно речиси целиот свој живот. По нивното официјално деби како „Ченг дуо“ во „Карнеги хол“ во 2011 година, нивната уметност остави траен впечаток низ светот, со обемни турнеи низ Северна Америка, Европа, Азија и Јужна Африка. Брајан и Силви Ченг денес стојат во првите редови на креативното музицирање. Посветени се на традиционалните ремек-дела, повторното откривање заборавени дела, како и на промоцијата на современата музика. Од 2013 година тие имаат нарачано и аранжирано 15 нови дела, како и реализирано концерти што ги спојуваат класичната и современата музика со џез, поезија и визуелни/медиумски уметности.
Дуото има издадено четири албуми со одлични критики, од кои најновиот, „Portrait“ (2023), е номиниран за наградата „Џуно“ во 2024 година, во категоријата класичен албум на годината – мал ансамбл.
Родени се во Отава и Токио од кинески родители, а Брајан и Силви се горди Канаѓани, кои моментално живеат во Берлин и во Њујорк.