Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повика за едномесечен безусловен прекин на огнот меѓу Русија и Украина, при што секое прекршување ќе биде казниво со санкции.
– Разговорите со Русија/Украина продолжуваат. САД повикуваат, на 30-дневен безусловен прекин на огнот – објави Трамп на својата мрежа „Truth Social“ кратко време по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Доколку прекинот на огнот не се почитува, САД и нивните партнери ќе воведат дополнителни санкции – напиша Трамп.
Трамп рече дека „двете земји ќе бидат одговорни за почитување на светоста на овие директни преговори“ за запирање на конфликтот што започна кога Русија ја нападна Украина во 2022 година.
Американскиот претседател додаде дека сака по прекин на огнот да се изгради „траен мир“.
– Се може да се направи многу брзо, а јас ќе бидам достапен во секој момент доколку се потребни моите услуги – истакна Трамп.
Трамп започна разговори со рускиот претседател Владимир Путин во февруари во обид да ја заврши војната за која претходно вети дека ќе заврши во рок од 24 часа од почетокот на неговиот втор мандат.
Трамп и други високи американски претставници ги засилија предупредувањата во последните недели дека Вашингтон е подготвен да се откаже од својата улога на посредник ако наскоро нема напредок.
Зеленски на социјалните мрежи рече дека денеска му рекол на Трамп дека Украина е подготвена за разговори за војната со Русија „во кој било формат“, но инсистираше дека прво мора да има целосен прекин на огнот.