Ивановски победи со време од еден час, осум минути и две секунди
АТЛЕТИКА – ПОЛУМАРАТОН ВО ДУБРОВНИК
Македонскиот атлетски маратонец Дарио Ивановски (27) постигна голем успех освојувајќи го првото место на полумаратонот (21 км) што се одржа во хрватскиот град Дубровник. Притоа тој успеа да постави и нов рекорд на патеката со време од еден час, осум минути и две секунди, а низ целта мина со македонското знаме во рацете. Тоа беше уште еден доказ за квалитетите на најдобриот македонски маратонец, како и за тоа дека е во добра тркачка форма.
Зад него маратонот го заврши Жељко Кота од Хрватска (1:14.26), додека третото место му припадна на маратонецот Јакуб Галасиевич од Полска (1:15.21).
Во женска конкуренција славеше ирската атлетичарка Блетнејд Патон (1:31.52), пред Србинката Тијана Кабиќ (1:35.16) и Норвежанката Ливе Гјесдал- Нилсон (1:36.12). Во Дубровник викендов се натпреваруваа повеќе од 2.000 атлетичари од целиот свет, а околу 800 волонтери помагаа во организацијата на маратонските трки. Г.И.