Им порачуваме на младите да се занимаваат со спортот што го сакаат, било да е фудбал, одбојка, кошарка, ракомет, пливање… Да постигнуваат успеси и омилениот спорт да им влезе во срце, како што ни влезе нам одбојката. И, се разбира, да не ги напушта желбата да одат напред, бидејќи спортот мора да се сака многу, со сето срце, велат Тамара и Моника
Средба со младите спортистки, близначките Тамара и Моника Велкови
Тамара и Моника Велкови, две сестри близначки, се и успешни млади спортистки, одбојкарки, кои сѐ повеќе напредуваат и постигнуваат одлични резултати во овој спорт.
Повод за овој разговор беше освоениот златен медал на Училишните спортски лиги на Општина Карпош, Скопје, на одбојкарките од ООУ „Војдан Чернодрински“, каде што тие се деветто одделение. За тој резултат секако придонесоа и Моника и Тамара, а Тамара беше прогласена и за најдобра одбојкарка на натпреварот.
А како и нема да биде така, кога тие веќе неколку години тренираат во одбојкарскиот клуб Фит фан волеј, кој се натпреварува во Првата републичка лига. Карактеристично за првите луѓе на клубот е што им посветуваат внимание на младите категории, а на оние најдобрите им овозможуваат да заиграат во сениорскиот тим. Така беше и со талентираните млади спортистки, близначките Велкови. Инаку, тие имаат 14 години, а од есен ќе го продолжат образованието во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Се разбира одбојката ќе остане нивна опсесија, со желба да постигнат уште подобри резултати. Тамара тренира веќе шест години, а сестра ѝ Моника четири.
Како се чувствувате по големиот успех што го постигнавте?
Тамара, Моника: Многу сме горди по сето она што го постигнавме. Нашата училишна екипа е прва во Општинската лига во одбојка, а тоа го остваривме со победата над тимот на „Ј.А.Коменски“ со 2:1. Многу се подготвувавме, трениравме и за време на викенд, а благодарни сме ѝ и на наставничката Билјана Блажевска по физичко, која постојано нѐ бодреше и нѐ мотивираше да дадеме сѐ од себе. И, ете, по 10 години нашето училиште освои прво место и златен медал. Кога го освоивме пехарот, сите плачевме од среќа, скокавме, на радоста ѝ немаше крај. Дојдоа сите да нѐ поддржат: директорката, психологот, наставниците, сите беа горди на нас. Пехарот сега е во нашето училиште. Го наполнивме со бонбони и на сите деца во „Војдан Чернодрински“ им поделивме, да почестиме за победата.
Каква беше атмосферата на натпреварот?
Тамара, Моника: Се играше во новата сала на реновираниот спортски клуб „Партизан 4“ и имаше многу публика. Далеку повеќебројни беа навивачите од „Ј.А.Коменски“, кои донесоа и четири тапани. Тоа малку нѐ збуни, целата таа еуфорија, па можеби затоа и го загубивме првиот сет. Но во вториот изедначивме и во третиот ги победивме. Научивме како да ја игнорираме публиката, бидејќи, за волја на вистината, нашите навивачи не беа толку гласни.
Кажете ни како одбојката ви стана омилен спорт?
Тамара, Моника: Пред десетина години нашиот талент го забележаа нашите сегашни тренери, додека ние во училишниот двор игравме одбојка и еден ден ни рекоа дека ако сакаме можеме да почнеме да тренираме во клубот. Така и беше, но една година направивме пауза, се занимававме со пливање, исто така бевме успешни, но се вративме во пионерскиот тим. Се тренираше во салата на ООУ „Лазо Трповски“, а потоа нѐ зедоа и во клубот и сега сме најмлади играчи. Доказ дека сме на добар пат е и фактот што нѐ повикаа да бидеме и членки на репрезентацијата на Македонија, сега сме во потесен избор и во очекување на конечните резултати.
Што нема да заборавите од досегашното искуство со одбојката?
Тамара, Моника: Најубав момент ни беше кога игравме за Купот за Македонија во Првата лига, а тоа се пренесуваше и на телевизија. И, секако, што нѐ викнаа да играме за репрезентација. Тоа е голем чекор за нас.
Колку пати неделно тренирате?
Тамара, Моника: Четири пати неделно имаме тренинзи, а во саботите и во неделите се натпреварите. Но ние играме и вежбаме повеќе и од тоа, и во училишниот двор, па и дома. Едноставно, одбојката ни влезе во крвта.
За нас одбојката не е само спорт туку и начин на живот. Преку неа ја развиваме брзината, концентрацијата и фокусот ни се поголеми и, пред сѐ, сето тоа нѐ прави среќни!
Што посакувате да ви донесе одбојката во наредниот период од неколку години?
Тамара, Моника: Да заиграме за Македонија!
Вие и на терен си помагате, објаснете ни како?
Тамара, Моника: Тамара игра техничар, а Моника е коректор. Тоа значи дека кога коректорот ја крева топката, техничарот мора надолу да ја смечира, за да освои поен.
Имате ли идоли во овој спорт?
Тамара, Моника: Да, тоа е одбојкарката Мелиса Варгас од Турција, а од Србија олимпијката Тијана Бошковиќ.
Што смени кај вас активното занимавање со спорт?
Тамара, Моника: Научивме да се почитуваме едни со други, да не потценуваме никого, да се обединиме како тим. Научивме што е тимска игра, вистинско другарство, да поделиме и успех и неуспех. Поразите да не нѐ разочаруваат, туку да нѐ туркаат напред.
Што им порачувате на младите на ваша возраст?
Тамара, Моника: Им порачуваме да се занимаваат со спортот што го сакаат, било да е фудбал, одбојка, кошарка, ракомет, пливање… Да постигнуваат успеси и омилениот спорт да им влезе во срце, како што ни влезе нам одбојката. И, се разбира, да не ги напушта желбата да одат напред, бидејќи спортот мора да се сака многу, со сето срце!