ШАХ – ДЕНЕСКА ВО СКОПЈЕ
Во основното училиште „Љубен Лапе“ во Скопје, денеска, со почеток во девет часот ќе се одржи Екипно првенство во шах помеѓу основните училишта на територијата на Општина Аеродром. Првенството го организира новоформираниот шаховски клуб Аеродром со поддршка на Општина Аеродром, а судии на турнирот ќе бидат Иван Кочовски и Сашко Лакински.
– Во организацијата на овие активности голема поддршка имавме од градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, кој ни помогна и во промоција на активностите, како и од наставничките и директорките на основните училишта – ни изјави претседателот на Шаховскиот сојуз на град Скопје (ШСГС) и претседател на ШК Аеродром, Ѓорѓи Миновски.
Секое од осумте училишта од општината на ова првенство ќе биде претставено со по две екипи, во две различни категории, една екипа составена од ученици од прво до петто одделение и една екипа составена од ученици од шесто до деветто одделение. Првенството ќе се игра на шест табли (со четири резерви), по т.н. бергеров систем со седум кола, а темпото на игра е 10 минути со плус пет секунди за секој одигран потег.
– Учесниците во секоја од училишните екипи беа избрани на селекциски турнири, кои исто така беа организирани со поддршка на општината и ШК Аеродром. На турнирите за селекција на екипите имаше огромен интерес во училиштата, односно скоро во секое училиште имаше по стотина пријавени ученици што сакаа да си ги одмерат силите на шаховската табла. Радува фактот дека во последно време интересот за шахот е сѐ поголем. Плановите се оваа екипна училишна лига да стане традиционална, а од следната година мечевите да се играат во текот на целата година – потенцира Миновски.
За време на турнирот ќе се одржи и семинар на темата „Ајде да играме шах“, на кој сите заинтересирани ќе имаат можност да се запознаат со изборниот предмет Шах во училиштата, новата програма, како и со едукативните видеа на македонски јазик. Семинарот ќе го води ИМ и ФТ Орце Данчевски, долгогодишен шаховски тренер и првиот наставник по шах во Македонија. Г.И.