Бугарија не наметнува дополнителни услови за процесот и преговорите на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европа – изјави бугарската потпретседателката Илијана Јотова на отворањето на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“ што се одржа во Софија – пренесува БТА.
Настанот беше организиран од Европскиот либерален форум, партијата АЛДЕ и Атлантскиот клуб на Бугарија. На форумот присуствуваа еврокомесарката за проширување Марта Кос, која е во работна посета на Бугарија, како и владини претставници од Турција, Романија, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора. Присутни беа и бугарски пратеници и експерти.
Јотова истакна дека билатералните односи меѓу двете земји не се проблем за неотпочнување на преговорите на Македонија со Европската Унија, посочувајќи оти тоа е „теза на политичарите од Република Македонија, како и на некои европски политичари и експерти“.
– Она што Бугарија го сака е да се почитуваат европските критериуми, како што секоја земја која тргна на патот кон вистинско членство во Европската унија ги почитува овие критериуми по цена на многу тешки одлуки и компромиси. И натаму веруваме дека правата на Бугарите во Република Северна Македонија не се заштитени – рече Јотова, истакнувајќи дека во рамката договорена во 2022 година, врз основа на францускиот предлог, нема бугарски барања, туку европски критериуми за членство, од кои главен е заштитата на човековите права. Јотова кажа дека договорената рамка е европски документ што мора да се почитува, имплементира и не може да се додава, брише, менува или да се става „во втор план“.
Според неа, запирањето или замрзнувањето на процесот на проширување на ЕУ ќе донесе уште поголема нестабилност, конфликти и влијание на други непријателски сили во регионот. Смета дека е потребен јасен одговор на прашањето дали ЕУ сака земјите од Западен Балкан, како и Украина, Грузија и Молдавија да имаат блиска и вистинска европска перспектива.
Сепак, таа не се согласува со предлозите прашањата за проширувањето на ЕУ да се решаваат со квалификувано мнозинство од земјите-членки, а не со консензус, истакнувајќи дека има некои држави кои сакаат да го променат европското законодавство и начинот на донесување одлуки.