Половина од парите потрошени во светот за купување амбалажирана вода, чија потрошувачка буквално експлодираше во последните децении, би биле доволни за да се обезбеди универзален пристап до вода за пиење, се вели во студија на Обединетите нации. Доколку потрошувачите престанат да пијат вода од шишиња, ефективно би придонеле за намалување на загадувањето со пластика, имајќи предвид дека 85 отсто од тие шишиња завршуваат во отпад, се додава во извештајот. Вкоренетите предрасуди силно влијаат на изборот на потрошувачите што да пијат, истакнуваат авторите.
– Тие веруваат дека амбалажираната вода е поздрава. Сепак, покажавме дека тоа не е нужно точно, а исто така покажавме дека луѓето плаќаат премногу за амбалажирана вода, од 150 до дури 1.000 пати повеќе од литар вода од чешма – објаснува Зејнеб Булел, шеф на студијата на ОН и научник од Институтот за вода, животна средина и здравје при Обединетите нации, со седиште во канадскиот град Хамилтон.
Се предупредува и на сериозен недостиг од регулативи за производство на шишиња. Се посочува дека владите не успеваат да бидат во чекор со галопирачкото проширување на тој сектор.
– Неконтролираната експлоатација на подземните води со цел амбалажирање и продажба може со текот на времето да доведе до исцрпување или драстично намалување на подземните резерви на вода за пиење – велат авторите.
Две милијарди луѓе во светот сѐ уште немаат пристап до квалитетна вода за пиење. Сепак, постигнат е одреден напредок, според студијата. Така, во 2020 година, 74 отсто од светското население имало пристап до безбедна вода од чешма, што е зголемување во споредба со 62 отсто една година порано. Но „сè уште сме многу далеку“ од постигнување на целта на Обединетите нации да обезбедат пристап до вода за пиење за сите жители на планетата до 2030 година. Авторите на извештајот на ОН повикуваат и на многу поголема транспарентност и ги повикуваат земјите да усвојат законски мерки што ќе ги обврзат производителите јавно да објавуваат податоци за тоа колку кубни метри вода пумпаат и редовно да ги проценуваат последиците од нивните активности врз животната средина.
Во изминатите десет години, светското производство на амбалажирана вода се зголеми за 73 отсто и достигна речиси 270 милијарди долари и 350 милијарди литри.