Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку објава на Фејсбук се огласи со реакција за, како што вели, координираните оркестрирани напади кон него од ДУИ, СДСМ и Левица, со цел, според него, да фрлат сенка врз расчистувањето на криминалот и корупцијата.
-Три партии, различни во својата форма, а слични во својата природа, вчера се здружија во обидот да фрлат сенка над она што три децении го чека македонскиот народ – расчистување со корупцијата и ставање крај на политиката на неказнивост. Три партии, кои наводно се борат една против друга, вчера покажаа дека нивниот заеднички интерес е посилен од сите нивни привидни разлики. ДУИ – партијата која во долгите години на владеење заедно со СДСМ создаде заробена држава, со систем во кој криминалот не беше исклучок, туку правило. Партијата која остави зад себе пустош од корумпирано судство, нефункционално образование без учебници, здравство кое наместо лекови произведуваше трагедии, загаден воздух кој го труе секој граѓанин и институции заробени од партиски војници наместо од професионалци – напиша Тошковски.
Тој ги посочи функционерите од ДУИ кои порано велеле дека не одговараат пред законот туку само пред Али Ахмети, а денес, кажа, панично се разбегале бидејќи за првпат почувствувале дека законот е над партијата.
-Каде е денес Артан Груби? Каде е денес Прпарим Бајрами? Зарем не беа токму тие најгласните борци за правата на Албанците, кои наместо права, си обезбедија само привилегии за себе и своите семејства? ДУИ никогаш не се бореше за Албанците, се бореше само за позиции од кои можеше да го ограбува и албанскиот и македонскиот народ – запраша Тошковски, посочувајќи дека сега, кога за првпат по 30 години владеењето на правото не е само празна флоскула, туку реалност, кога институциите конечно почнаа да функционираат и правдата пристигнува до оние кои мислеа дека засекогаш ќе бидат недопирливи, ДУИ без срам зборува за одговорност.
СДСМ пак, продолжи Тошковски, кои зборуваат за селективност и неправда, треба да се присетат дека за време на нивното седумгодишно владеење со ДУИ, државата ја потресоа три големи трагедии во кои животот го загубија над 70 луѓе.
-И сега добро запомнете: за сите тие загубени животи, СДСМ не поднесе НИЕДНА кривична пријава. Ниедна! Истите тие денес велат дека истрагата за Кочани е фарса, а во оваа наводна „фарса“ веќе имаме над 50 осомничени. Зборуваат за морален пораз, привезоците на ДУИ кои седум години беа тивките соучесници во распаѓањето на државата, а денес, без грам срам, се обидуваат да се претстават како глас на совеста. Лицемерието нема граница, а СДСМ треба да знае дека меморијата на македонските граѓани не е толку кратка како што би посакувале – наведува Тошковски во постот.
За Левица, пак, министерот рече дека е само алатка на истите структури кои на Македонија ѝ ја одзеле иднината.
-Денес, кога конечно системот се чисти, Левица ги напушти своите наводни принципи и застана во одбрана на токму оние кои ги обвинуваше до вчера. И не е тоа затоа што тие се нова партија со визија, туку затоа што најдобро опстојуваат во времиња кога системот е разнишан, а довербата на граѓаните во институциите е убиена од нивните некогаш прикриени, а денес очигледни сојузници, рече Тошковски.
Интерпелацијата поднесена вчера од Левица, не ја оцени како закана, туку како комплимент дека конечно правдата ги допре оние кои мислеа дека засекогаш ќе останат недопирливи.
-Вчерашниот ден најдобро покажа каде сме и зошто толку силно удираат. Не се напаѓа оној што не претставува закана, се напаѓа оној што навистина менува нешто. Оној што не прифаќа да биде дел од нивниот удобен систем на молк, неказнивост и меѓусебна заштита. Токму затоа, јас овие напади не ги гледам како закана, туку како комплимент дека конечно правдата ги допре оние кои мислеа дека засекогаш ќе останат недопирливи – напиша Тошковски.
За министерот, ова е битка на сите граѓани кои, вели тој, 30 години живеат во држава во која политичката елита си играше фудбал по канцеларии и ја шутираше Македонија како топка.
-Денес, наместо тие да ја шутираат државата како што сакаат, законот почна да ги удира токму таму каде што најмногу ги боли. Затоа продолжуваме напред, со јасна визија, со уште поголема одлучност. Правдата почна да тропа на вратата на секој оној кој мислеше дека таа никогаш нема да го посети. И таа правда нема да се врати назад без резултати – напиша Тошковски.
Вели дека ако нападите се цена што мора да ја платиме за ова, тогаш тој е подготвен секој ден да ја плаќа, бидејќи, вели, ова не е само политичка битка.
-Ова е враќање на Македонија таму каде што и е местото, во рацете на граѓаните, а не во рацете на криминалците. Македонија мора да биде држава каде што одговорноста нема партиска боја, а правдата нема цена. Токму таа Македонија е целта за која вреди да се издржат сите овие напади. И таа Македонија, заедно со граѓаните, конечно ќе ја изградиме – наведе Тошковски во постот.